Мицкоски од Серта најави реформи во секторот за управување со кризи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на планината Серта најави реформи во секторот за управување со кризи и измени на Законот за пожарникарство. Излегувајќи на терен, тој изрази голема благодарност до луѓето кои се бореа со огнената стихија на планината Серта што траеше неколку дена. Пожарот веќе неколку дена е целосно изгаснат, информираа од владината прес-служба.

Според владиното соопштение, Мицкоски заедно со потпретседателот на Владата Љупчо Димовски, заедно со пратениците, градоначалниците, пратениците и директорот на Центарот за управување со кризи, биле на местото за заедно да ја стегнат раката на оние храбри луѓе кои што изминатите неколку недели на моменти својот живот го ризикуваа, за да спасат што е можно повеќе територија да не биде зафатена од огнената стихија.

Мицкоски најавил дека Владата во периодот  што следи ќе направи големи структурни реформи во секторот за управување со кризи, нешто што е многу значајно. Но, истовремено, започнала процедура за носење на Законот за пожарникарство, со што значително ќе бидат подобрени условите за работа на овие луѓе.

- Дојдов заедно со луѓето овде кои што се со мене за да изразам голема благодарност на луѓето кои што изминатите неколку недели, ќе повторам го жртвуваа и својот живот за да се справат со огнената стихија. Од мое име и од името на Владата, голема благодарност. И би посакал пред сѐ ова да не ни се повтори, но знам дека и доколку се повтори и доколку тоа е повторно потребно, тие повторно нема да го штедат својот живот и повторно ќе го ризикуваат за да ја совладаат огнената стихија.  И нормално понатаму да правиме се што е во наша моќ да ги подобриме условите за работа на овие луѓе, истакнал премиерот на планината Серта од неготинска страна, соопштија од Владата. 

26.07.2024 - 13:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега