Мицкоски: Се срамам кога гледам дека Скопје е најзагаден во светот
Во контекст на емисиите на штетни гасови кои што се испуштаат во воздухот, Мицкоски посочи дека ваквиот начин на енергетска зависност од одредени горива одговара само за оние поединци кои дебело профитираат.
„Во Скопје доминира чадот и штетните гасови, затоа што на некој со децении му одговара овој начин на затоплување и енергетска зависност од одредени горива од кој дебело профитираат поединци. Во таа насока во голема мера инвестициите во енергетиката треба да се насочат кон енергенси кои не загадуваат“, изјави Мицкоски.
Претседателот на Владата, Мицкоски нагласи дека предвидени се низа системски мерки, се со цел намалување на загаденоста на воздухот.
„Затоа денес сакам да објавам дека како Влада планираме големи системски мерки кои ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот, спроведување на детален план чиј финиш ќе биде чист воздух и здрава животна средина, но и зголемена енергетска ефикасност. Предвидена е стратешка инвестиција на гасна конегертивна централа која треба да обезбеди топлинска енергија со значително и драстично намалување на загаденоста, и тоа ќе обезбеди меѓу другото и зголемена енергија која ќе се користи во стопанството. Ветувам промени и активно работам тие да се случат што поскоро“, дециден беше Мицкоски.
Мицкоски најави строги ограничувања и зголемени контроли кои ќе се вршат кон најголемите индустриски загадувачи и исто така сет на мерки кои ќе овозможат Македонија да биде место каде ќе имаме чиста и здрава околина.
„Воведуваме строги ограничувања за најштетните извори на енергија и ќе ги контролираме најголемите индустриски загадувачи. Обезбедуваме субвенции за граѓаните и фирмите кои ќе користат чисти енергетски решенија. Ќе започнеме програма за масовно пошумување и засилено чистење на јавните простори. Овие мерки се само почеток, бидејќи иднината на Скопје и на Македонија е во чистата и здрава околина. За ваквите чекори потребно е разбирање и заеднички напор и само така ќе успееме“, заклучи Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа