Мицкоски: Владата се подготвува за два предизвика – енергетската стабилност и кризата што се чувствува од Германија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како е задоволен од инвестициите во стопанството, изјави дека е многу важно, конечно, да почне користењето на заемот, од кој се очекува еден бран од најмалку 300 милиони евра.
„Сега многу важно за нас е состанокот што ќе го имаме в недела да заврши успешно и да, конечно, почнеме со користење на заемот или познат во јавноста како унгарскиот заем. Очекуваме тука да се акцелерира еден бран од најмалку 300 милиони евра, тоа е некаде 1,6-1,7 процент од нашиот вкупен домашен производ. Плус имаме бран на инвестиции во општините што се финансирани од страна на централната влада“, истакна тој.
Според Мицкоски, тоа се многу пари за македонската економија и дополни дека оваа зима ќе имаме два предизвика.
„Првиот ќе биде енергетската стабилност, вториот ќе биде кризата што се чувствува од Германија, особено во автомобилската индустрија. И вие мора сега предвреме да ги антиципирате и да нудите решенија и политики што ќе значат решенија за овие предизвици.
За првиот видовте и вчера, но и месеците и неделите претходно, многу внимателно планиравме и мислам дека таму состојбата е стабилна со потпишувањето на меморандумот за разбирање помеѓу ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, и „Сокар“, азербејџанскиот гигант. И ќе имаме стабилно и евтино снабдување со природен гас, што е многу важно и за затоплувањето на скопјани, но и за производството на електрична енергија. Дотурот на јаглен и ископот веќе функционираат нормално, би рекол и повеќе од нормално. Веќе блоковите работат на моменти и по 200 мегавати, нешто што не беше замислено во изминатите седум години.
Малку ни е хидрологијата проблематична, но очекувам дека со есенските дождови и зимските снегови и тука ќе можеме да ја ситуацијата подобриме. Тоа не зависи од нас, тоа зависи од некои други метафизики“, истакна Мицкоски.
Но, тој смета дека проблемот е под контрола и изрази сигурност дека ќе биде сето тоа успешно реализирано и граѓаните не треба да се грижат.
„Што се однесува до овој вториот дел и можното намалување на економската активност на некои од компаниите што се дел од автомобилскиот сектор, тоа можеме да го совладаме со инвестиции. И затоа овој бран што го кажувам, 300 милиони, плус 500 милиони евра, околу 800 милиони евра, имајќи предвид дека некаде околу 15,5-16 милијарди е нашиот БДП, зборуваме за бројка помеѓу 4 и 5 проценти и мислиме дека на тој начин нема да се почувствува таа криза и дека нема да се афектира негативно на нашиот домашен бруто-производ. Тоа се двата, генерално, суштински проблеми, покрај многуте стотици што ги решаваме на дневна основа, но тоа ни е работата и тоа е наша природна задача“, изјави Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа