Мицкоски: ВМРО е сопатник на Македонија и нејзин нераскинлив дел

 

Во обраќањето по повод државниот празник 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна на Свечената академија под слоганот „Завет кој обврзува” во Музејот на македонската борба за самостојност свое обраќање имаше претседателот на Владата Христијан Мицкоски рече: „Дојдени сме овде да го одбележиме денот на македонската револуционерна борба, ден кој треба да не потсетува, но и освестува дека ние сме минливи, но нашето дело и идеја се тоа кое треба да говори за нас“.

Мицкоски на почетокот исткана дека делото на организацијата која ги носи историските свети букви ВМРО е дело кое денеска ни овозможи да имаме самостојна држава и своја самосвест.

„Никулците на македонската национална мисла создадени пред илинденскиот период, делата и идејата на преродбениците, и енергијата на македонското граѓанство, ефектите од претходните востанија на разни делови на тогашната Македонија, кулминираа и се преточија во движечката сила на Македонската револуционерна организација. Тоа беше силата втемелена во идејата за сопствена независна држава со свој идентитет и посебност“, истакна Мицкоски..

Македонската слобода не беше подарена на тацна, вели Мицкоски во обраќањето, туку македонската приказна е испишана со крв, солзи и непокор и затоа е вечна знаат да кажат тие кои ја познаваат историјата на организацијата.

„Таа не зависи од надворешни притисоци, влијанија, постапки на одродени политичари, предавства на поединци, туку таа идеја се храни и живее во секој жив кој за нејзе се бори на свој начин, во својата област, со своето знаење и со своите вештини, верба и надеж, онаму каде може и колку може, до последниот од нас, кој во себе ја носи идејата за Македонија.

Многу работи се кажани на овој ден, многу работи се случија во историјата кои водеа кон овој ден на формирање на македонската револуционерна организација, но и многу работи се случуваа откако таа се формираше.

Таа претрпе и преживеа неуспеси, поделби, братоубиствена војна, меѓусебни пресметки, разочарувања, идеолошки поделби, од нејзе се издигнаа херои, и паднаа антихерои, од нејзе се раѓаше борбата за своја држава, но се трудеа и да ја злоупотребат нејзината моќ и значење за нашиот народ и сакаа преку нејзе да станеме дел од друга држава“, вели МИцкоски и додава:

„Македонската Револуционерна Организација ја започнала македонската национално ослободителната борба и го предводела населението во Македонија, без разлика на неговата вера и народност, во борбата против Отоманската империја. Круната на таа борба за слобода е Илинденското востание во 1903 година во Македонија“.

Тој посочи дека       првите обиди за формирање на организација датираат кон крајот на осумдесетите и почетокот на деведесетите години на 19 век, некаде околу 1889 година Пере Тошев му пишал писмо на Ѓорче Петров да формираат:

”Организација за ослободување“.

„Во летото 1891 година во Битола, Дамјан Груев направил обид за формирање на една организација, имено тој го формирал Учителскиот сојуз со чисто револуционерни цели, но неговата дејност била попречена од Архимандритот Козма Пречистански.

Во 1892 година кај Иван Хаџи Николов созреала идејата дека само една организација може да го пресече патот на пропагандите. Почнал да бара лица кој би можеле да му помогнат во оформувањето на таквата организација, и такви луѓе, во тој момент видел во Димитар Цонев, Христо Татарчев, Петар Поп Арсов и Христо Батанџиев. Оформувањето на организацијата било одложено, бидејќи биле малкумина, но идејата не ја напуштиле.

Состанокот за формирање на организацијата се одржал во сабота навечер на 23.11.1893 година, во станот на Христо Батанџиев. На овој состанок присуствувале Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и секако домаќинот Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџе, Ениџе Вардарско. На оваа средба била разгледана општата состојба во Македонија, и дошле до заклучок дека положбата на населението е неподнослива, за да се подобри потребна е една: Планомерна и сериозна акција и тоа колку побрзо, толку поголем изглед за успех ќе има.

Со текот на времето Организацијата стана колевка на македонската борба. Сопатник на Македонија и нејзин нераскинлив дел. Јас ги следам и оние дебати за тоа чие е ВМРО… но тоа нераздвојно и непоколебливо му припаѓа на македонскиот народ. Затоа што организацијата беше народот.  И од народот произлегуваа и водачите, најбескавите луѓе и народни херои кои се дело се поклонуваа пред олтарот на борбата за слобода“, нагласи премиерот Мицкоски.

23.10.2024 - 14:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега