Мицотакис: Очекувам од новиот премиер изјава дека името на неговата земја е Северна Македонија

„Очекувам од новиот премиер да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон неговата земја“ рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијата Стар.

Говорејќи за надворешната политика, тој се осврна и на односите со Северна Македонија, посочувајќи дека Атина се стреми кон добри односи, но неопходно е почитување на Договорот од Преспа.

„Видов некои изјави на претседателката на Северна Македонија и мислам дека направи некои чекори назад од првичните изјави. Ние се стремиме кон добри односи со Северна Македонија, но многупати имаме кажано дека добрите односи поминуваат преку почитувањето на јадрото на Договорот што го потпишаа двете земји“, истакна тој.

„Договорот одреди едно име за сите и ова соседите мора да го почитуваат. И очекувам од новиот премиер, кога и штом ќе положи заклетва да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон неговата земја“, кажа грчкиот премиер.

28.05.2024 - 21:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа