Михајловска со нов предлог за полагање на матурата: Обезбедување блокатори за телефони и на тестаторите да им се плаќа за учество

 


Комисија ќе утврдува нерегуларности во текот на испитот од државната матура, а првпат Државниот испитен центар ќе формира десет комисии - за секој од наставните предмети вклучени на матурата, кои ќе констатираат неправилности во текот на оценувањето.

Комисијата за прекршувања на правилникот за полагање државна матура за време на одржувањето на испитот, која постапувала и во минатите години, е веќе формирана и ќе подготви извештај врз чија основа ќе биде одлучено на кои ученици поради нерегуларности ќе им биде поништен испитот.  

Покрај тоа, првпат ќе се формираат и комисии за секој од 10-те наставни предмети што се полагаат на државната матура, чија задача ќе биде да ги оценуваат самите тестови односно да откријат преписи т.е. идентични делови во тестовите како докази за препишување.

Тоа е одлучено на денешниот стручен колегиум на Државниот испитен центар меѓу директорката и раководителите во ДИЦ.

Директорката Билјана Михајловска за МИА изјави дека донеле одлука за неколку чекори што ќе ги направат веднаш или во текот на процесот на оценување односно до завршување на јунскиот рок од матурата и објавувањето на резултатите.

Како што рече, комисија врз основа на докази што постојат донесува предлог за поништување на испитот за конкретни ученици што ги прекршиле правилата, меѓу кои е користењето мобилен телефон.

- Прво, формираме комисија составена од вработени во ДИЦ која ќе констатира поништување на испитот врз основа на прекршување на правилата во текот на испитот. Комисијата ги разгледува протоколите, заклучува дека одреден тестатор отстранил некој ученик поради прекршувања на правилата. Тој запишува во извештај и врз основа на тоа, носиме одлука дека оваа комисија предлага поништување на испитот, рече Михајловска.

Посочи дека ваква комисија има секоја година, но овојпат, рече, ќе  се формираат и одделни комисии за секој од десетте наставни предмети што се полагаат на државната матура. Нивна задача ќе биде да констатираат поништување на испитот врз основа на оценувањето. Во извештај што ќе му биде доставен на ДИЦ ќе биде наведено што сè се поништува од наставниот предмет, што ќе биде откриено од оценувачите, односно доколку оценувачот констатира препис на кој било начин.

-Во Правилникот има три мерки на кои оценувачот треба да реагира – откривање на идентитетот со запишување на името, втората мерка е ако открие два текста или делови од текстови и третата мерка е ако констатира електронски помагала. Кога тоа ќе го констатира оценувачот, ќе го достави до комисијата којашто е надлежна за тој наставен предмет. Сите оценувачи кога ќе ги соберат своите конкретни докази, таа комисија прави извештај во кој констатира дека на сите тие ученици т.е. баркодовите на тестовите, треба да се поништи испитот затоа што со доказ е констатиран препис. Ова и претходно го правеа оценувачите и беше само нивна констатација, но сега дополнително ќе има комисија која ќе ги проверува доказите што ги доставува оценувачот, појасни Михајловска.

Ќе се разгледува и вибер-групата во која беше споделен тестот по мајчин јазик на почетокот на испитот во саботата. Како што рече директорката, текст од таа вибер-група, како и кој било друг текст што ќе го најдат во некоја вибер-група, ќе им бидат дадени на оценувачите.

-Врз основа на тоа што е споделено во групата, како и од други извори на интернет, оценувачите може да констатираат препис од електронски уред. Сите десет комисии ќе констатираат за секој предмет поединечно, додаде Михајловска.

Таа соопшти дека до МОН ќе предложат новата Влада во иднина да најде начин за обезбедување  блокатори на сигнали за мобилни телефони, а исто така ќе апелира на тестаторите да им се плаќа за учество во матурата, како што стои и во неусвоениот нов закон за средно образование. Смета дека со некој вид награда/надомест, тестаторите ќе бидат помотивирани за нивниот ангажман во државната матура.

- Во целата оваа ситуација забораваме дека 2000 луѓе си ја завршија одлично работата – и тие што организираа во училиштата, и тие што беа тестатори. Ако некои двајца-тројца ги прекршиле правилата, не треба да го анулираме трудот на сите други, истакна Михајловска.

Во саботата матурантите го полагаа задолжителниот екстерен испит – мајчин јазик, за кој беа пријавени  10 088 кандидати за македонски јазик и литература, 4189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

Претстојната сабота, 8 јуни, ќе биде полагањето на вториот (изборен) екстерен испит. Прелиминарните резултати од двата екстерни испита ќе бидат објавени најдоцна до 8 јули односно 30 дена од полагањето на последниот екстерен испит.

03.06.2024 - 17:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега