Милевски: РЕК работи со половина блок, имаме дефекти и намалено производство

РЕК Битола повторно работи со половина блок, исклучени се Блок 2 и Блок 3, тврди Пеце Милевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Блок 1 работи со половина снага, со додавање на огромна количина на мазут. На тој начин РЕК ја загадува околината, за што Македонија веќе има негативни поени од Енергетската заедница во Виена. Вашите „шампионски“ политики веќе почнаа да ви се удираат од глава. Ова соопштение не е за да глумиме загриженост или политички да поентираме, туку да побараме одговорност од раководството на РЕК Битола. Од истото тоа неспособно раководство кое не кажа ништо на јавноста за хаваријата на БЛОК 2 пред повеќе од месец дена“, рече тој.

Милевски прашува чија е одговорноста за оваа хаварија и која фирма го правела капиталниот ремонт?

„Дали сега истата фирма повторно прави ремонт и како е тоа договорено? Дали во четири очи, како што милува да работи СДСM? Се обраќаме до цела јавност во име на сите вработени во РЕК Битола, како и сите загрижени граѓани за ситуацијата во комбинатот. Последен „успех“ на раководството на РЕК Битола е што најголемиот багер за ископ на јаглен во рудникот „Суводол“ по вторпат во оваа грејна сезона е надвор од функција поради нестручност на раководниот кадар. Багерот „КУ-300“ кој после само две недели работење после санација на претходно оштетување, пак е оштетен“, рече Милевски.

Според него, штетата е направена затоа што багерот се носи да копа во распукани блокови јаглен, кои се слизнуват.

„Резултат на оваа нестручност е нанесување на големи трошоци на комбинатот. Во рудникот Суводол не се копа квалитетен јаглен, па мора се употребува мазут. На тој начин се загадува воздухот и се поскапува производството на електрична енергија. Спиралата која ја создаде раководството на РЕК Битола, самонаречените „шампионите“ во енергетиката, нема крај“, рече Милевски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.03.2021 - 11:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега