Милошоски: Да ја зачуваме плодната соработка што ја имаме со Израел и да ги зачуваме интересите на Македонија
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на собраниска комисија, која по неколку години ги пополнува испразнетите амбасадорски места во неколку клучни главни градови – Белград, Тел Авив, Пекинг, Бразилија, Варшава, во Берлин и во Букурешт, рече дека ставот на државните институции се совпаѓа исто така со ставот на Комисијата за надворешна политика во однос на трагичните случувања во терористичкиот напад Израел – Хамас, кој се случи пред кратко време.
„Зрелоста во самото наше општество не создаде услови поделбите што некогаш се случуваат и на внатрешен план и гледаме израелскиот-палестински глобален спор да станува домашен и внатрешен спор во Македонија и се надевам дека ќе успееме да го задржиме тоа ниво, да се одржи нивото на неувезување емотивни конфликти, кои имаат своја национална, верска и политичка компонента. Да нема лажни вести и пропаганда, туку народот да чита реални информации“, порача Милошоски.
Како што вели тој, самата организација Хамас кај многу држави на светот е на листата со терористички организации.
„Хамас имаше цел во координација со други актери да ја спречи тенденцијата на продолжување на склучување на договори за нормализација на односите меѓу Израел и арапските држави во опкружувањето, со особен фокус да се попречи воспоставувањето такви односи со Саудиска Арабија како земја што има најголем политички воен енергетски и дипломатски потенцијал во Блискиот Исток. За жал, процената во овој краток период е дека тоа им успева во овој момент, што ќе биде исходот во иднина ќе видиме, но како и да е, најбитно за нас ќе биде да ги претставуваме и штитиме интересите на Македонија, нормално зачувувајќи ги сите нивоа на унапредена и плодна билатерална соработка што ја имаме со Израел“, дополни тој.
Милошоски посочи дека во Кина немаме амбасадор седум години, во Србија шест години, во Израел 5,5 години, а во Бразил од април 2020 година. Пратеникот потенцира дека единствениот наш дипломат во Амбасадата во Израел, Мачеј Качаровски, направил натчовечки напори да се спасат нашите државјани по нападот на Хамас.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа