Митева: Денес имаме договори кои значат гордост

 

Ми претставува мене чест да соопштам добра вест, да кажам некоја позитивна работа која што ја направила оваа Влада, а која ќе има долгорочни позитивни ефекти за нашите граѓани. Денеска имаше владина седница на која што и официјално се овласти потпретседателот и министер за транспорт веќе во четврток да го потпише и официјално, договорот за стратешкото партнерство со Обединетото Кралство и ова претставува навистина би кажала дипломатски и историска победа за Македонија. Нешто што во минатото беше дипломатија која што симболизираше некои кратки средби коишто имаа само фото вест. Денеска ние ги претвораме во стратешки документи, нешто што значи навистина долготраен и долгогодишен развој на нашата Македонија, истакна портпаролката на Влада и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева во гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.

Митева истакна кои се реалните придобивки од договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Според неа има два моменти со потпишување на договорот, односно политички и економски. Митева е децидна дека ако во минатото имавме состојба на договори коишто за нас значеа понижување, денеска имаме договори коишто за нас и нашите граѓани значат гордост.

-Има два моменти тука коишто би можела да ги издвојам тука, а тоа е од една страна политичкиот и од друга страна оној економскиот. Да дадам некоја дефиниција за политичкиот момент, ќе кажам дека после долги години на изолација, успеавме Македонија да не биде пасивен би кажала набљудувач на маргините, туку да биде активен партнер со нашите глобални сојузници. И ако во минатото ние имавме состојба на договори коишто за нас значеа понижување, денеска имаме договори коишто за нас и нашите граѓани значат гордост. И тоа ме радува и за тоа сум исклучително горда, пред се како граѓанин, а потоа и како човек којшто е гласот на народот преку оваа позиција на која што сум во моментов, подвлече Митева и додаде:

-Станува збор за навистина еден договор кој што ја става Македонија повторно на една скала во која што велиме дека Владата направила конечно политичка би кажала стабилност и предвидливост. Нешто што на нашите глобални сојузници, особено во ваков еден политички пејзаж којшто ни се случува на глобалната политичка сцена е од исклучителна важност, вели Митева.

Митева истакна дека клучниот инфраструктурен проект од договорот е изградба и реконструкција на железницата на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија, а планирани се и инвестиции за изградба на Медицински факултет во Штип и на студентски дом. Митева нагласи дека Владата ќе продолжи по патот којшто Македонија ќе ја трансформира и за граѓаните ќе донесе добробит.

-Вториот дел којшто го споменав тоа е економскиот и е онаа инвестиција која што доаѓа преку овој стратешки договор во висина од шест милијарди евра. Таа е финансиската рамка која што имаме можност да ја искористиме и која што ќе биде во насока на области коишто во минатото беа навистина заборавени, или пак би кажала го имаа светлото на јавноста, но само по негативни моменти, или по протести на вработените во Македонски Железници или пак по лошите здравствени услуги. Ова значи дека Македонија размислува навистина долгорочно, позиционирајќи се себеси како држава која што има огромен потенцијал за раст, а потоа и влевајќи доверба дека ова е патот по којшто ние како Влада ќе одиме, заклучува Митева.

20.05.2025 - 20:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега