Митева: СДС и ДУИ работеа спротивно на волјата на граѓаните, нема толеранција за корупција

 

На гостувањето во „Само вистина“ на Канал 5, портпаролот на Владата и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева говореше за трагедијата во Кочани, каде што напомена дека реакцијата на надлежните институции била брза и ефикасна, бидејќи до сега јавноста не била навикната на таков механизам.

„Избрзан беше чекорот на СДС за барање на анкетна комисија, веднаш потоа се отиде чекор наназад кога се виде дека истрагата во овој рок беше брза и незамисливо ефикасна, затоа што имавме за само една недела по трагедијата покренување на кривична пријава за 34 лица, сега 33 за жал. Истрагата е во тек, јас очекувам дека истата може ќе се прошири, може не, така што јас искрено верувам дека ова ќе биде првиот случај за којшто ќе имаме правда и ќе имаме нула толеранција за корупција, селективноста не постои, ниту постоеше од самиот почеток, самата истрага тоа го потврди’’, истакна Митева.

Во однос на анкетна комисија во Собранието, Митева рече дека е во ред да има, но да се опфатат и сите претходни случаи, за кои што епилогот за жал бил дека кабелот е крив.

„Да направите чекор напред и да осигурате дека веќе нема да ви се случуваат вакви трагедии, мора да се свртите позади и да има одговорност за тоа што се случило. Не можеме ние да почнеме и да кажеме дека од сега градиме држава. Ние имаме активни случаи, за кои сметаме дека истрагата потфрлила, дека процесот понатаму потфрлил, дека многу долго траел. Се сеќава народот на кабелот е крив и на многу други состојби. Мораме ние да ги отвориме сите случаи, да ги распакуваме, да бидат на увид на јавноста, да зборуваме за се отворено, тоа е тешкиот пат, но мораме од таму да почнеме’’, нагласи Митева.

Митева се осврна и на уставните измени, за кои што таа рече дека и Владата и ВМРО-ДПМНЕ ставовите се конзистентни. Таа потенцираше дека СДС и ДУИ носеле одлуки кои биле спротивни на мислењето и волјата на народот.

„Зошто не ја слушаа тогаш опозицијата, зошто не го слушаа народот кој што им велеше дека ваквите политики се погрешни и нивниот резултат по однос на таквите политики го видовме пред само 9 месеци’’, заклучи Митева.

10.04.2025 - 20:17

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега