Митреска на состанокот на БИС: Соодветна монетарна и фискална комбинација на ЦИЈИЕ, како поддршка на процесот на стабилизирање на растот на цените

„Среднорочните фискални прогнози за земјите од Централнa, Источна и Југоисточна Европа упатуваат на фискална консолидација, што обезбедува поддршка на монетарната политика во напорите за намалување и стабилизирање на инфлацијата“, посочи вицегувернерката Ана Митреска, на 22. состанок за монетарната политика на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) за земјите од Централна и Источна Европа. Според последните оцени, се очекува дека фискалната консолидација во регионот ќе биде заснована на намалување на расходите, со што ќе се придонесе за подобрување на фискалниот профил и натамошно намалување на притисоците врз цените. Во тековните услови, соодветната монетарна и фискална координација е исклучително важна, како поддршка на вкупната стабилност на економиите. Во глобални рамки, монетарната и фискалната комбинација засега се оценува како соодветна, имајќи предвид дека во 2022 година во 72% од земјите и двете политики се затегнуваат, што е соодветна поставеност при присуство на инфлациски притисоци и ризици.

 

„Во текот на пандемијата, буџетските дефицити и јавниот долг значително се зголемија, заради преземените мерки за поддршка на економската активност и заштита на ранливите групи. Оттогаш наваму, видливо е нивно намалување, но и понатаму се над претпандемичните нивоа“, нагласи Митреска. Во вакви услови, како што истакна, неопходна е посветеност на фокусирана и кредибилна консолидација, а со тоа намалување на нивоата на долгот и градење на фискалниот простор. Ова е особено важно во контекстот на позатегнати финансиски услови и надолни ризици за економскиот раст, за што е потребна претпазлива фискална политика којашто ќе го намали притисокот врз потребите за финансирање во земјите од овој регион и ќе го олесни нивниот пристап до меѓународните пазари.

 

На состанокот за монетарна политика на БИС за Централна и Источна Европа учествуваа претставници на централните банки од поширокиот регион, како и претставници од Банката за меѓународни порамнувања и Европската централна банка.

19.05.2023 - 10:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа