МНР: Досега ниту еден македонски државјанин не пријавил проблеми при патување со патни листови

До овој момент, ниту еден македонски државјанин не пријавил проблеми при патување со патни листови, ниту со друг вид на документи со Република Северна Македонија, информираат од Министерството за надворешни работи.

„Министерството за надворешни работи, во изминатиов период, целосно ја реорганизира својата дипломатско-конзуларна мрежа во светот, со цел да им излезе во пресрет на нашите државјани кои се наоѓаат надвор од земјата. Воедно, информираме дека до овој момент, ниту еден наш државјанин не пријавил во Министерството, ниту во дипломатско-конзуларните претставништва проблеми при патување со патни листови, ниту со друг вид на документи со Република Северна Македонија“,соопштија од МНР.

Оттаму нагласуваат дека дипломатско-конзуларните претставништва редовно се снабдуваат со нови количини на соодветни обрасци и дека нема застој во издавањето на патните листови со кои нашите државјани може непречено да се вратат во земјата.

Од МНР потсетуваат и дека на предлог на Министерството за надворешни работи, Владата на денешната седница донесе одлука со која дипломатско-конзуларните претставништва ќе започнат со издавање на патни листови без наплата на конзуларна такса.

„Исто така, се олеснува и доставата на патниот лист и истата ќе може да биде извршена преку брза пошта“, се додава во соопштението на МНР.

Претходно, денеска на прес-конференција, вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, на која присуствуваше и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, најави дека од утре, промената на возачките и сообраќајните дозволи ќе биде бесплатна за граѓаните, исто како и издавањето на патните листови за оние што живеат надвор од државата, а имаат потреба да се вратат во земјава за да извадат нова патна исправа. Во државите каде што нема дипломатско-конзуларни претставништва, издавањето на патните листови ќе биде направено онлајн и ќе бидат испратени по пошта за граѓаните да не прават дополнителни трошоци.

13.02.2024 - 18:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега