Модуларната болница „се сели“: Ќе ја користат Затвор Идризово или Министерство за одбрана


Министерот за здравство Арбен Таравари информира дека се размислува дали модуларната болница лоцирана кај Инфективната клиника во Скопје да ја преземе Министерството за одбрана или пак  таа да се пренесе во Затворот Идризово. 

Таравари, денеска во одговор на новинарско прашање, посочи дека има одлука од Владата за преземање на модуларната болница од страна на МО, но оти треба амбуланта и во Затворот Идризово.

-За модуларната болница на Инфективна клиника веќе има одлука на Влада со која таа болница треба да ја преземе Министерството за одбрана. Има и друга идеја бидејќи треба болница во затворот во Идризово. Сега сме во дилема дали таа модуларна болница да ја пренесеме таму за да служи како амбуланта во Затворот Идризово, изјави Таравари, при посетата на Клинилката болница Штип.

Во однос на модуларната болница во Штип, што е во функција од март 2021 година, Таравари рече дека треба да се размисли рационално како да се искористи кај што има потреба. 

Во тек на ковид  пандемијата, со одлука на Министерството за здравство, беа изградени модуларни болници во 16 градови низ државава.

19.09.2024 - 11:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега