Мојсоска: Патот до Брисел не може и не смее да води преку Софија

 


Пратеничката и генерална секретарка на Левица, Јована Мојсоска, во интервју за „Локално“ изјави дека Левица е единствена парламентарна партија со јасен став – против Бугари во Устав под било какви услови.

 ,,Нашиот став е јасен - патот до Брисел не може и не смее да води преку Софија. Македонското општество мора отворено да почне да говори за феноменот на интеграцијата на Македонија во Европската Унија, а тоа е дека со секој исчекор, постепено се губеше самобитноста на македонската нација. Почнувајќи од Лисабонската декларација, преку Рамковниот договор и територијалната поделба, па нелегитимниот Преспански договор, ние денес сме во состојба на длабоко поделена држава по дејтонски нефункционален систем каде унитарноста е само на хартија, додека паралелни институции никнуваат во образованието, општините, болниците, па сега гледаме дури и паралелна т.н. Албанска академија.

 Додека во Бугарското собрание сведочиме едногласно усвоена Декларација со која се негира самобитноста на македонската нација, во нашиот контекст се гледа како т.н. партии на албанскиот блок секогаш се во служба на интересите на странските интереси за демонтирање на македонската држава. Можете само да претпоставите колку е посилна позицијата на Грција при Преспанскиот договор или на Бугарија при т.н. Француски предлог, знаејќи дека секогаш имаат четвртина пратеници во Македонското собрание подготвени да ги гласаат сите позиции кои ги рушат конститутивните елементи на македонската држава. Ние сме во ситуација кога 20 - 30 пратеници во законодавниот дом (од албанскиот политички блок) секогаш се подготвени да гласаат за промени на Уставот.

Сè додека не изникне граѓанска опција во албанскиот политички блок, со силен сентимент на лојалност кон Република Македонија, овие ретроградни партии секогаш ќе ги рушат позициите на македонската држава, како дел од нивната доктрина која почива врз необалистичка идеологија.

На патот кон ЕУ, македонската држава, која почива врз АСНОМ и народно-ослободителната борба, е под директен напад на здружените сили на необализмот и неоврховизмот, како во времето на Втората светска војна. Потребни се нови генерации политичари, со силен државнички менталитет, кои можат да ги антиципираат геополитичките промени и мудро да се позиционираат во новиот светски поредок, како што направила авангардата при конститурањето на македонската држава, изникната од големата победа против фашизмот", вели Мојсоска.

02.01.2025 - 11:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега