МОН: Почнуваат реконструкции на пет основни училишта
Министерството за образование и наука соопшти дека почнуваат реконструктивни зафати во основното училиште „Арсени Глоѓи“ во Теарце, изработка на термотехничка фасада во ОУ „Ѓерг Кастриоти Скендербегу“ во Арачиново, санација на потпорниот ѕид и реконструкција на училиштето „Јунус Емре“ во село Лисичани во Пласница, адаптација и реконструкција на училишна зграда во ООУ „Хајан Селмани“ во село Ростуше во општина Маврово и Ростуше и санација на покривот на училиштето „Песталоци“ во општина Центар.
-Планот е поширок и предвидува реконструкција на 118 училишни објекти во кои ќе се подобри пристапноста за учениците со попреченост, како и внатрешните услови. Министерството за образование и наука плански вложува во подобрување на условите за изведување на настава, затоа што тие влијаат на посветеноста на учениците и на мотивацијата на наставниците, информира МОН.
Во средното образование, пак, нов објект ќе добие кумановската гимназија „Сами Фрашери“. Предвидени се инвестиции за целосна реконструкција и на сите девет државни студентски домови, за осовременување на условите за престој и учење, како и зголемување на енергетската ефикасност.
-Оваа година ќе почне изградба и на десет нови спортски објекти, во рамки на проектот за изградба на 145 училишни спортски сали. Почетокот на изградбата на новата зграда на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и продолжувањето на градежните работи на објектите на ФИНКИ и на Факултетот за физичка култура во Скопје се трите големи проекти кои Министерството за образование и наука ќе ги реализира во 2023 година, во рамките на Програмата за капитални инвестиции, информира МОН.
Во подобри услови за училишта, универзитети, ученички домови и спортски сали оваа година, наведува Министерството, ќе бидат вложени над една милијарда денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа