Москва ја стави Јулија Навални на листата на терористи

 

Руските власти денеска на листата на „терористи и екстремисти“ ја ставија вдовицата на политичарот Алексеј Навални, кој почина во руски затвор на почетокот на оваа година и со тоа го продолжија прогонот на опозицијата.

Судот во Москва пред неколку дена издаде налог за апсење на Јулија Навални, која е во егзил надвор од Русија, под обвинение дека е членка на екстремистичка група.

Федералната служба за финансиски надзор ја додаде Навални на својата листа на „терористи и екстремисти“, што имплицира ограничувања на банкарските трансакции. Ова е метод што Кремљ често го користи кога има работа со опозицијата, пренесуваат медиумите во светот.

Навални, најлутиот политички непријател на Владимир Путин, почина во февруари додека отслужуваше 19-годишна затворска казна поради обвиненијата за екстремизам, кои тој ги осуди како политички мотивирани.

Властите соопштија дека му се слошило по прошетката во еден од најтешките руски затвори, но не соопштуваат детали за неговата смрт.

Навални беше уапсен кога се врати во Москва од Германија во јануари 2021 година, каде што се опоравуваше од последиците од труењето за кое се обвинува Кремљ.

Неговата сопруга го обвини Путин за смртта на нејзиниот сопруг и вети дека ќе ги следи неговите стапки. Руските власти ги негираа овие обвинувања.

Портпаролката на Јулија Навални, Кира Јармиш, на социјалната мрежа Х изјави дека „фактот што владата е нервозна значи дека Јулија прави се како што треба“.

11.07.2024 - 23:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега