МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

 

Пренос на моштите на Светиот свештеномаченик Игнатиј

Главното празнување на Св. Игнатиј е на 20 декември. На овој датум се празнува преносот на неговите мошти од Рим, каде што маченички пострада, во Антиохија, во којашто порано беше архиереј. Кога Свети Игнатиј беше повикан во Рим за да одговара пред царот Трајан за својата вера, на тој долг пат го придружуваа неколкумина граѓани од Антиохија, побудени од голема љубов кон својот прекрасен архипастир. Бидејќи Божјиот Светител никако не сакаше да се одрече од верата и ги презре сите ласкања и ветувања на царот Трајан, беше осуден на смрт и фрлен пред ѕверовите во Големиот циркус. Ѕверовите го растргнаа и тој Му ја предаде својата душа на Бога. Тогаш неговите следбеници ги собраа неговите соголени коски, ги пренесоа во Антиохија и чесно ги погребаа. Но кога Персијанците ја зазедоа Антиохија во 6 век, моштите на Свети Игнатиј повторно ги вратија од Антиохија во Рим.

Тропар
„Сите влакна на косата ви се изброени“ – проповедаше нашиот Спасител, о Игнатие Богоносче, чие срце за Господа се разгори и со името Негово се запечати, моли Го Господа да се смилува над нас, ти ревнителу на вистинската вера, и да ги спаси оние кои го празнуваат твојот чесен спомен.

Светите маченици Роман, Јаков, Филотеј, Иперихиј, Авив, Јулијан и Паригориј

Сите пострадаа за Господ Исус Христос на Самосат во времето на царот Максимијан во 297 година. Филотеј и Иперихиј беа големци, а останатите беа момчиња од благородничко потекло. Незнабожците ги убија со страшна смрт, им коваа клинци во главите. Чесно пострадаа и влегоа во радоста на Господ.

Преподобен Лаврентиј Печерски

Драговолно го избра затворничкиот живот, како некогашните затворници Исакиј и Никита, внимателно чувајќи се од демонската прелест на којашто тие двајцата во почетокот ѝ се подадоа. Со големо воздржание, молитва и богомислие достигна висок степен на совршенство. Од исплашениот демон дозна дека во Печерскиот манастир има триесетмина монаси, меѓу сите сто и осумнаесет, на кои од Бога им е дадена власт над нечистите духови. Се престави кај Господ во 1194 година.

10.02.2022 - 23:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега