Мрежата за заштита од дискриминација: Собранието итно да избере членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието итно да спроведе постапка за избор на два члена на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Од таму велат дека Комисијата за избор и именување веќе доцни, односно не ги почитува роковите од членот 18 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Јавниот оглас беше објавен на 15 февруари и траеше до 15 март 2023. Во согласност со член 18 став 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата за избор и именување на Собранието во рок од 14 дена по истекот на рокот на огласот треба да достави утврдена предлог – листа на кандидати до Собранието. Комисијата за избор и именување треба да организира јавна расправа по пријавените кандидати, на која треба да ги повика сите заинтересирани фактори, а особено здруженијата на граѓани, кои работат во областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата“, соопштија од мрежата.
Апелираат изборот да се изврши по заслуги, да се изберат стручни и независни експерти како членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
„Исто така, потсетуваме дека членовите мора да имаат минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои пет во областа на еднаквост и недискриминација (член 17 од Законот за спречување и заштита од дискриминација). Потсетуваме дека избор на членови што не ги исполнуваат критериумите, односно по партиски клуч, ја загрозува и анулира улогата на Комисијата, нејзината независност гарантирана со закон, директно влијае на (не)довербата на граѓаните во институцијата и доведува до несоодветно спроведување на Законот, со што се спречува процесот на унапредување на еднаквоста во општеството. Од друга страна, потсетуваме за недостигот на родова еднаквост помеѓу членовите на Комисијата, само една жена наспроти четири мажи. Исто така, потенцираме дека во претходните постапки за избор на членови на КСЗД аплицираа повеќе жени и припадници на маргинализирани групи, но не беа избрани за членови. Оттука, овие две места треба да се пополнат со жени и/или жени од маргинализирани групи доколку помеѓу кандидатите има лица со овие карактеристики што ги исполнуваат условите за стручност и независност“, додаваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Собранието треба да избере два члена на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за да ги пополни позициите што долго време се празни поради што институцијата работи со недоволно капацитети за да ги оствари законските надлежности.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа