Муцунски: Активно се работи на репатријација на повредените од Кочани кои се лекуваат во странство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на прес-конференција истакна дека активно се работи на процесот на репатријација на македонските пациенти повредени во пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство.
-Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Министерството за здравство и СОЗР активно работат на реализација на процесот на репатријација на македонските пациенти кои успешно го завршуваат болничкото лекување во странство, рече Муцунски, додавајќи дека Министерството за здравство како надлежна институција изготвило детален медицински протокол со цел процесот да се спроведе навремено, безбедно и во најдобар интерес на пациентите и нивните семејства.
Посочи дека Протоколот преку нашите ДКП-а е доставен до здравствените установи во странство каде се згрижени пациентите и оти врз основа на проценките од медицинските тимови и официјалната потврда од МЗ се организира постапка и секој чекор во процесот на враќање, вклучително и препораката за организирање соодветен тип транспорт што го координира СОЗР.
Тој повтори дека вчера беше успешно реализирано враќањето на еден пациент од Србија, по што денеска се очекува пристигнување на уште еден пациент од Грција и четворица пациенти од Мадрид, додека во наредните денови се очекува враќање на уште неколку пациенти од Белгија, Австрија, Хрватска и Србија.
Во наредниот период, посочи, фокусот ќе биде насочен кон безбедно враќање на пациентите, како и успешно завршување на лекувањето на оние кои се уште се останати во странство.
На новинарско прашање дали се целосно покриени трошоците на пациентите и на семејствата на пациентите кои се лекуваат во странство, имајќи ги предвид акциите за собирање средства на социјалните мрежи, тој рече дека и пациентите и нивните семејства нема да имаат никакви трошоци
-Како држава уште од почетокот рековме дека Владата преку СОЗР ќе ги покрие трошоците за патување и на семејствата на пациентите, трошоците за сместување на семејствата на пациентите, има модалитет за кој за еден мобилен уред ќе се обезбеди покривање на сите трошоци кои што настануваат и се покриваат сите дополнителни логистички трошоци кои можат да настанат, вклучително се обезбедува и храна во рамките на хотелите каде што тие се сместени и сето тоа го операционализира Службата за општи и заеднички работи, рече Муцунски.
Тој додаде дека имаат целосна координација со семејствата на пациентите за доусогласување на ситни логистички работи.
-Што се однесува до покривањето на трошоците, дел од тој трошок е покриен преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, а дел од тој трошок e покриен врз основа на билатерални договори што постојат или одлуки донесени од страна на самите влади на земји кои ги примаат овие пациенти во делот на медицинските услуги. Семејствата на тие кои се лекуваат и тие што се лекуваат нема да имаат никаков трошок околу тој процес - и од медицинска гледна точка и од логистичка гледна точка. Исотвремено, ја лично ја поддржувам секоја иницијатива за донација од хумана гледна точка треба да размислиме...Наше како Влада е да поддржиме секој процес на хуманост, но истовремено јавноста да ја информираме дека во врска со медицинските и логистичките трошоци, државата стои позади овие пациенти и позади овие семејства, нагласи Муцунски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа