Муртезани во Брисел на средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска ја продолжува дводневната работна посета на Брисел, во чии рамки ќе има средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Според најавите, на средбата Муртезани-Кос ќе се разговара за напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ, за Реформската агенда во рамки на Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан, како и за следните чекори во преговарачкиот процес на земјава.
Покрај со Кос, Муртезани ќе се сретне и со претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ), Оливер Ропке, со генералниот директор на Генерален директорат за проширување и источно соседство (ДГ ЕНЕСТ), Герт Јан Копман, како и со членови на Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ.
Вчера, на првиот ден од работната посета на Брисел, Муртезани имаше средба со извршниот директор за Европа во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Мати Масикас, на која стана збор за актуелните предизвици во регионот и поширокото опкружување, за зајакнувањето на институционалната соработка и за спроведувањето на европската агенда од страна на земјава.
Муртезани ја истакна посветеноста на земјава кон реформите и стабилноста во регионот, потенцирајќи дека таа останува конструктивен партнер во процесот на пристапување, додека Масикас ја потврди поддршката на ЕЕАС за Северна Македонија и ја нагласи важноста на продлабочената соработка во клучните области поврзани со европската интеграција.
Покрај, со Масикас, Муртезани вчера се сретна и со копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ, хрватскиот европратеник Карло Реслер, како и со известителите на ЕП во сенка за земјава, европратениците Тајс Ројтен и Матеј Тонин, кои ја потврдија силната поддршка за европската перспектива на земјава и ја истакнаа важноста на реформите и на динамиката на пристапниот процес и потребата од градење стабилни односи со сите членки на Унијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа