Нацевска на настан на ЕЦБ: Интензивно се работи на приклучување на земјата кон СЕПА

Народната банка интензивно работи на усвојување на регулаторните и техничките стандарди на Европската Унија во платежната сфера за што поскоро приклучување на земјата кон Единствената европска платежна област (СЕПА), посочи вицегувернерката Емилија Нацевска, која учествува на Работилницата за платни системи од високо ниво, во организација на Европската централна банка (ЕЦБ).

Преточувањето на широк сет на директиви и регулативи на Европската Унија во платежната сфера во правниот систем на земјата, кое се ефектуираше на почетокот на оваа година, обезбеди висок степен на усогласеност во правната рамка за приклучување на земјата кон СЕПА. Покрај на усогласување на правната рамка, Народната банка е силно посветена и на примена на техничките стандарди ИСО 20022 во работата на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС). Станува збор за меѓународен стандард кој обезбедува интероперабилност помеѓу платните системи и овозможува нивно меѓусебно поврзување обезбедувајќи сигурност и ефикасност и на прекуграничните плаќања. Народната банка во соработка со учесниците во МИПС е фокусирана на адаптирањето кон најновиот стандард најдоцна во текот на 2025 година.

Приближувањето кон правните и техничките стандарди на Европската Унија во платежната сфера со поддршка од ЕЦБ има за цел да го забрза и олесни пристапот на земјите од Западен Балкан до СЕПА, кое е од исклучително значење за граѓаните и компаниите, имајќи ги предвид придобивките од ниските трошоци и брзината и ефикасноста со која се извршуваат плаќањата во 36те европски земји членки.

На работилницата учествуваа членови на извршниот одбор на ЕЦБ и гувернери и вицегувернери на централните банки од земјите од Западен Балкан. Ова е прва од четирите работилници од високо ниво, кои се дел од втората фаза на Регионалната програма за зајакнување на институционалниот капацитет на централните банки во Западен Балкан, за што Европската Унија (ЕУ) издвои 3 милиони евра од нејзиниот инструмент за претпристапна помош (ИПА III). 

18.11.2023 - 10:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега