Најмалку 30 лица загинаа во израелските напади врз бегалскиот камп Џабалија
Најмалку 30 лица загинаа во израелските напади врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа, соопшти Агенцијата за цивилна заштита во Газа.
Портпаролот на Агенцијата Махмуд Басал изјави дека 12 лица, меѓу кои и жени и деца, загинале во нападот што се случил синоќа нешто пред 21:40 часот по локално време, додека 14 лица се водат како исчезнати и најверојатно заробени под урнатините.
Пред тој инцидент, директорот на Агенцијата Ахмад ал-Кахлут рече дека 18 лица биле убиени во неколку напади, вклучително и напади врз осум училишта во кампот, кои служеле како засолништа за раселените лица.
Најмалку 110 лица се повредени во нападите што се случија во текот на денот.
Израелската армија тврди дека убила десетици милитанти во Џабалија, без да обезбеди никакви докази.
Фотографиите што ги објавија медиумите од околината покажаа дека меѓу загинатите има многу деца.
Во меѓувреме, добротворната организација Лекари без граници соопшти дека илјадници луѓе се заробени во кампот, додека член на персоналот рече дека луѓето кои се обидувале да заминат биле „застрелани“.
„Никој не смее да влезе ниту да излезе, а секој што се обидува да замине е застрелан“, напиша координаторката на проектот на Лекари без граници, Сара Вилстек на мрежата Х.
Лекари без граници за Ројтерс изјавија дека најмалку 61 Палестинец биле убиени вчера низ Појасот Газа.
Новинари, исто така, се убиени и ранети во израелската офанзива во северниот дел на Газа, во која, според Гардијан, се мета и болниците, а Ал Џезира оваа недела повторно го обвини Израел дека намерно ги гаѓал откако двајца негови новинари беа тешко повредени.
Израел негира дека намерно гаѓал новинари.
Претставници на ОН изразија загриженост дека тековната израелска офанзива и наредбите за евакуација во северниот дел на Газа може да ја нарушат втората фаза од кампањата за вакцинација против детска парализа, која треба да започне следната недела.
Групите за помош го спроведоа првиот круг вакцини минатиот месец, откако во август беше откриено бебе делумно парализирано од вирусот на детска парализа тип два, прв таков случај на територијата во последните 25 години.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа