Народната банка го одбележува монетарното осамостојување преку едукативна кампања „Денарот го славиме“

Народната банка во текот на претстојната седмица ќе реализира повеќе активности во насока на чествување на триесет и една година од монетарната самостојност, односно воведувањето на денарот како национална валута и осамостојувањето на Народната банка, под мотото „Денарот го славиме!“. Прогласувањето на монетарната самостојност на 26 април е значаен настан за нашата држава, а воедно и значаен чекор во заокружувањето на нејзината независност.

Низ годините Народната банка се градеше и се воспостави како современа, кредибилна и меѓународно призната, независна централна банка, но и како институција којашто ја поттикнува научната мисла и работа, постојаната едукација и финансиска писменост. Оттаму, во рамките на неделата на чествување ќе биде доделена и Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи.

За патот на креацијата и воспоставувањето на македонските книжни пари, се изработени два едукативни видеозаписа од страна на вработени во Музејот на Народната банка, Маја Хаџиманева, Ефтимија Павловска и Дијана Ванчевска. Видеозаписите, покрај тоа што ќе бидат објавени, ќе бидат доставени и до училиштата ширум земјата за да послужат во натамошниот едукативен процес за нашата историја и валута.

Со цел да се споделат историскиот процес и вредностите од кои се воделе  носителите на политиките при монетарното осамостојување, подготвени се видеоизјави на дел од оние кои учествувале директно во процесот на воспоставување и градењето на монетарната независност, сопствената валута, но и придонесле и придонесуваат за афирмација на Народната банка како современа и кредибилна институција. Изјавите на сите досегашни гувернери Борко Станоевски, Љубе Трпевски, Петар Гошев, Димитар Богов, Анита Ангеловска-Бежоска, на други општествени чинители како Џевдет Хајредини, Трајко Славески, Михаил Петковски, Абдулменаф Беџети, Таки Фити, Глигор Бишев, Ванчо Каргов, како и видувањата вицегувернерките Емилија Нацевска и Ана Митреска ќе бидат објавени во текот на следните две недели на социјалните мрежи. Во рамките на чествувањето ќе бидат објавени и документи од Архивот на Народната банка, поврзани со монетарното осамостојување, коишто имаат непроценлива историска вредност за македонската историја.  

24.04.2023 - 11:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа