Нетанјаху потврди: Елиминиран Мохамед Синвар, новиот лидер на Хамас во Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека лидерот на Хамас во Газа, Мохамад Синвар, еден од најбараните Палестинци и помладиот брат на починатиот водач на таа група, Јахја Синвар, е елиминиран, пренесува Ројтерс.
Пред десетина дена беше објавено дека во тунел во Кан Јунис се пронајдени телата на лидерот на Хамас во Газа, Мохамед Синвар и десет негови соработници. Тогаш за тоа објави саудискиот ТВ канал Ал-Хадат.
Ал Хадат, исто така, објави дека командантот на бригадата Рафа, Мохамед Шабана, бил убиен во израелските напади заедно со Синвар.
Мохамед Синвар беше палестински политичар и воен командант кој беше лидер на Хамас во Појасот Газа од октомври 2024 година, откако неговиот брат Јахја Синвар беше убиен во војната меѓу Израел и Хамас.
Синвар беше вклучен во киднапирањето на израелскиот војник Гилад Шалит во 2006 година и преживеа неколку обиди за атентат на Израел. Израелските служби го сметаа за еден од клучните организатори на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година и еден од најбараните лица во Газа, со награда од 300 илјади долари (269 илјади евра) за информација каде се наоѓа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа