Нетанјаху призна: Се случи трагична грешка

 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го коментираше нападот во текот на ноќта врз шаторскиот камп во градот Рафах во кој загинаа најмалку 45 лица.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека целеле двајца високи лидери на Хамас во еден од комплексите на групата и ќе ги разгледаат извештаите дека пожарот се проширил во засолништата, загрозувајќи ги цивилите.

Нетанјаху рече дека Израел се обидел да ги заштити цивилите со евакуација на еден милион луѓе од Рафах, каде што се проценува дека се наоѓале околу 1,5 милиони луѓе пред почетокот на офанзивата.

„И покрај нашите напори да не ги повредиме, се случи трагична грешка. Ние го истражуваме инцидентот. За нас тоа е трагедија, за Хамас тоа е стратегија“, рече Нетанјаху во парламентот.

Во соопштението објавено доцна синоќа по експлозијата во Газа, ИДФ соопшти дека „елиминирала“ двајца високи претставници на Хамас – Јасин Рабија и Калед Нагар – во „прецизен“ воздушен напад „во северозападниот дел на Рафах“.

Нападот предизвика бес кај светските лидери кои повикаа на спроведување на пресудата на Светскиот суд за да се запре израелскиот напад.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е огорчен од последните напади на Израел.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел изјавија дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата мора да се почитува.

27.05.2024 - 22:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега