„Нетфликс“ воведува мерки против споделување лозинки од профили
„Нетфликс“ ќе почне голема операција со цел да го сузбие споделувањето лозинки од профили, односно можноста неколку корисници да ја делат претплатата.
Компанијата воведува промени за кои се надева дека ќе го спречи сегашниот тренд на споделување еден профил меѓу повеќе корисници, дознава „Волстрит џурнал“.
Стриминг-гигантот долго време имаше лежерен пристап кон луѓето што споделуваат лозинки и профили. Иако официјално е забрането со правилата, компанијата, генерално, дозволуваше да се користат профили во разни домаќинства и на разни локации.
Сепак, првпат по 10 години, во последните месеци компанијата забележа пад на приходите и намалување на бројот на претплатници. Еден одговор на кризата се чини дека е обид да им се отежне на претплатниците да делат профили.
„Нетфликс“ тестира некои од новите ограничувања во Америка, а тие вклучуваат функција што ги проверува луѓето за кои се сомнева дека го делат профилот и им наплаќа дополнителни три долари.
Компанијата исто така му дава на сопственикот на примарниот профил код, што корисниците мора да го внесат за да добијат пристап до тој профил. Овој код се менува секој месец, што им отежнува на луѓето други да го користат нивниот профил.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа