Невреме и обилни врнежи во Индија и Непал: Загинаа 100 лица

 


Речиси 100 лица ги загубија животите во изминатите денови во Индија и Непал, како последица на обилните врнежи и невреме што го зафати регионот од средата, соопштија властите и медиумите. Надлежните предупредуваат дека нестабилното време ќе продолжи и наредните денови.

Индискиот метеоролошки оддел (IMD) издаде повеќекратни предупредувања за опасности ширум земјата – вклучувајќи топлотни бранови на запад и невреме со грмежи во источните и централните делови на Индија.

Најтешко погодена е источната индиска држава Бихар, каде според државниот оддел за управување со катастрофи, животите ги загубиле најмалку 64 лица во инциденти поврзани со дождот и лошото време. Локалните медиуми известуваат дека во најнаселената индиска држава, Утар Прадеш, загинале повеќе од 20 лица.

Во Непал, пак, Националната управа за катастрофи информираше дека удари на гром и силни врнежи предизвикале смрт на најмалку осум лица.


Според прогнозите на IMD, до сабота се очекува продолжување на нестабилното време со пороен дожд, грмежи, молњи и засилени ветрови, особено во источна и централна Индија.

Инаку, сезоната на монсуните во јужна Индија обично започнува во јуни, но последниве години летниот период е сè почесто проследен со екстремни временски појави, како интензивни топлотни бранови и поројни дождови, кои носат човечки жртви и материјални штети.

11.04.2025 - 10:42

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега