Никола Попоски: Посакувам само да сме тим кој сака и може да победува
Поранешниот пратеник и министер за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски, кој спротивно од заклучоците на партиските тела, по изборите напиша дека партијата е поразена и не е победник на изборите, во интервју за Прес24 зборува за причините поради кои е можно и во иднина како партија да бележи поразни, наместо победи.
-Проценка од 2017 беше дека против ваква власт, опозиција лесно ќе победува. Од оние гласачи кои не ни дадоа доверба, повеќето мислам дека не ги убедивме дека можеме подобро на домашните теми, вели Никола Попоски во интервју за Прес24.
Иако поврзуван со групацијата на Сашо Мијалоков, сепак Попоски смета дека иницијативата за вонреден Конгрес нема да даде резултат.
-Реално не сум експерт, но од тоа што видов, статутот не дава самоиницијативност. Можеби е така токму за да може да се тера вака до 101 година и назад. И да си губиме. Можеби токму такви финти ги иритираат добар дел од членовите. Можеби не е логично Конгрес, како врвен орган на партија, да е де факто врзан во трло. Некој ќе рече, целта ги оправдува средствата. Можеби сум само кусоглед, но не гледам како тоа ќе не доведе на арно. Јас не сум доволно убеден дека е тоа во интерес на членовите и земјата, вели Никола Попоски во интервју за Прес24.
ПРЕС24: Вашиот последен коментар предизвика големо внимание во јавноста, но не помина долго за да одредени медиуми побараат позадина во него. За почеток, дали Сашо Мијалков преку Никола Попоски прави обид за превземање на ВМРО-ДПМНЕ?
ПОПОСКИ: Не. Превземање е можно само за предмети. ВМРО-ДПМНЕ е идеал. Идеал не се превзема. Во идеал или веруваш, или не. Толку.
ПРЕС24: Голем број членови побараа вонреден конгрес на партијата. Кој е Вашиот став?
ПОПОСКИ: Реално не сум експерт, но од тоа што видов, статутот не дава самоиницијативност. Можеби е така токму за да може да се тера вака до 101 година и назад. И да си губиме. Можеби токму такви финти ги иритираат добар дел од членовите. Можеби не е логично Конгрес, како врвен орган на партија, да е де факто врзан во трло. Некој ќе рече, целта ги оправдува средствата. Можеби сум само кусоглед, но не гледам како тоа ќе не доведе на арно. Јас не сум доволно убеден дека е тоа во интерес на членовите и земјата.
ПРЕС24: Вашиот искажан став се разликува од официјалниот став на Извршниот и Централниот комитет. Наспроти нив, Вие констатирате дека ВМРО-ДПМНЕ не само што не е победник, туку постои голема веројатност поразите да продолжат во иднина. На што го темелите ова?
ПОПОСКИ: Реално сите во партија сме на исто и свесни сме дека властите може да не потепаат и на други избори. Во соопштение може и да има пропуст. Не е драма. Поентата на сите ни е правилно да постапиме за да не продолжи истото со изборите да се случува. Оти не губи само ВМРО со тоа, губи цел народ ако е заглавен со оваа власт и не гледа опција. Ние мора да им ја понудиме.
ПРЕС24: Која е главната причина за овој резултат на партијата. Некои велат немањето јасна идеологија и концепт?
ПОПОСКИ: На многу им делува дека ние од опозиција само бараме замена на функционерите од власта со наши, но дека не можеме да ги промениме работите. Инаку, армија луѓе се незадоволни од нив. Немаат сигурност во државата, не дај Боже да им затреба здравствена нега... не треба подалеку, документ да извадите е мисија.
ПРЕС24: Малку е чудно, како што велите со оглед на бројните констатирани слабости кај противникот, ВМРО-ДПМНЕ да доживее ваков резултат. Очигледно е дека некаде алките не се поврзани. ВМРО-ДПМНЕ како да кокетираше со околу 50.000 гласачи, тврдокорни, кои очекуваа да слушнат јасен став за поништување на договорите со Грција и Бугарија и на крај тие гласаа за малите партии, а не успеа да ги придобие разочараните од власта, кои пак веројатно сакаа да слушнат политика која нема да значи нова европска изолација на Македонија. Дали тука се изгуби партијата?
ПОПОСКИ: Проценка од 2017 беше дека против ваква власт, опозиција лесно ќе победува.
Од оние гласачи кои не ни дадоа доверба, повеќето мислам дека не ги убедивме дека можеме подобро на домашните теми. Помалку заради меѓународна политика. Ќе мора на тоа да поработиме.
ПРЕС24: Вие бевте последниот министер за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ. Многумина вашето политичко дејствување го вклопуваат во онаа проевропска линија на партијата, која веројатно изминативе можеби пет-шест години, како да стана малцинство во ВМРО-ДПМНЕ. Го губи ли партијата тој европски белег, кој беше столб на ВМРО-ДПМНЕ во деведесетите кога, беше една од ретките партии кои зборуваа за Македонија членка на НАТО и на ЕУ?
ПОПОСКИ: Не, не го губи. Мнозинство наши членови биле и се проевропски. Ги гледаат најнапредните земји во ЕУ како модел за среденост, образование, здравствени услуги, хигиена. Таму најчесто патуваат, се образуваат. Најголем дел сакаат да наликуваме на нив и да ги пресликуваме нивните практики тука. Се лутат кога не ни успева.
ПРЕС24: Во Вашиот коментар има уште една реалност која веројатно е суштинска за враќање на партијата на власт. Ако ВМРО-ДПМНЕ има проблем да формира влада и со освоени 57 пратеници, тогаш веројатно проблемот е многу подлабок и посериозен?
ПОПОСКИ: Можни коалициони партнери ни забележуваат дека не сме во позиција да бидеме власт. Пред три години, таа оценка делуваше изнудена и нефер. Особено кога победувавме. Сега, кога губиме, е уште потешко. Не мислам дека треба да се грижиме што сакаат други партии од нас. Прво треба да видиме, што сакаме ние да постигнеме. Сега, дури и доколку некој знае, тоа не е доволно за гласачите кои ни фалат во есапот.
ПРЕС24: Возможна ли е, и колку би и било од корист на ВМРО-ДПМНЕ коалиција со Левица, партија која бара отповикување на дипломатски односи со Јужна Кореја, веројатно мисли дека Северна Кореја е стратешки партнер, која бара Македонија да биде надвор од НАТО и ЕУ?
ПОПОСКИ: Таа е многу подесна партија од нас. Во моментов не гледам зошто тие би се промениле.
ПРЕС24: Централниот комитет на партијата донел одлуки за статутарни измени. На прв поглед вака изгледаат како револуционерни во партиските дејствувања во Македонија во насока на јакнење на внатрепартиската демократија, ограничување на мандатот на Претседателот и на државните функционери, но зошто вакви статутарни измени доаѓаат по изборен пораз, а не пред избори?
ПОПОСКИ: Имаме добри експерти за статути во партија. Не сум сигурно постручен. Лично мислам не е толку битна хартијата. Битен е духот што се промовира. Еве во пракса: по нашите правила, може за претседател на месен комитет да не ти се доволни 500 гласа од независни членови на директен слободен избор. Но воедно, комотно може да ја водиш партијата до 2033-та година, ако само 45 души, кои ги именуваш, се културни во три наврати на ЦК да не се јават за збор по заклучок кој би гласел: дали е некој против? Ако ја повториш постапката и по четврти пат, можеш да продолжиш и после 2033-та. Тогаш ќе го замениш само зборчето "три" за бројот на мандати. Идеално некаде во 2032-ра. Ова важи без разлика на резултатите од сите избори во меѓувреме. Тука може нас да не праша некој член дали е така во Австрија, Германија или Хрватска? Ако му одговориме дека таму не е замисливо ни по статут ни поради демократска свест, нема да завршиме работа. Може да речеме дека тие се многу понапредни од нас и да свртиме дека не е многу подобро во СДСМ или ДУИ. Ама тоа не не вади баш.
ПРЕС24: Реално изминативе две-три години не бевте многу активен во јавноста. Бевте дистанциран од новото раководство на партијата, или изборот беше Ваш да бидете дистанциран?
ПОПОСКИ: Можеби јас мислам првото. Можеби друг мисли второто. Не е толку битно. Да исправаме криви Дрини ќе помага само на власта. Мислев и мислам дека ни треба прво обединителна визија. Давав и давам предлози во партијата во таа насока. Без опседнатост дека мора да е така. Во надеж дека навистина имаме капацитети сите заедно за многу подобро. Посакувам само да сме тим кој сака и може да победува.
ПРЕС24: Ќе останете во политика или?
ПОПОСКИ: Да.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа