Николоски во Лондон: Силни економски врски и нови инвестиции од Велика Британија за Македонија

 


Македонија и Обединетото Кралство имаат силни економски односи, трговската соработка е на високо ниво, а можноста за зацврстување на таквата соработка ја гледаме преку нови инвестиции и пренесување на нови искуства и знаења, истакна потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на средбата со Герет Томас, министер за економија и извоз во Владата на Обединетото Кралство.
 
Обединетото Кралство е стратешки партнер и силен подржувач на Република Македонија во регионалниот развој. Оттука, потенцираше вицепремиерот Николоски, инвестициите од Обединетото Кралство имаат значаен удел во развој на македонската економија.
 
На средбата на која беа презентирани условите за инвестирање, се разговараше за новите текови во економските односи меѓу двете земји со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурата. Притоа потенцирано беше дека Македонија се наоѓа во еден силен инвестициски циклус, особено во патната и железничката инфраструктура, како значаен сегмент во регионалниот развој.  
 
Исто така вицепремиерот Николоски ги истакна економските реформи и развојот на земјата, притоа ја нагласи можноста за воспоставување на нови стратешки партнерства меѓу Македонија и Обединетото Кралство во развој и реализација на регионални инфраструктурни проекти.
 
На средбата беа потврдени и добрите политички односи меѓу двете земји.
  
Делегацијата предводена од вицепремиерот Николоски денеска ја продолжува работната посета на Обединетото Кралство, каде ќе се остварат низа средби со бизнис заедницата во Лондон, а во текот на утрешниот ден ќе се одржи средба и со Стефан Доти, министер задолжен за Европа, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Обединетото Кралство за Западен Балкан.
 
Посетата на Обединетото Кралство е во рамките на владините политики за зацврстување на стратешките односи меѓу двете земји и можноста за зголемување на економската и трговска соработка.
 
Во структурата на надворешната трговска размена, Обединетото Кралство е рангирано на второ место на листата земји со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена.    
23.04.2025 - 15:06

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега