„Њујорк тајмс“ го повика Бајден да се откаже од претседателската трка
Редакцијата на американскиот весник „Њујорк тајмс“ синоќа го повика претседателот на САД Џо Бајден да се повлече од претседателската трка, еден ден по неговиот слаб настап во дебатата против Доналд Трамп, пренесоа светските агенции.
Иако посочува дека 81-годишниот Бајден е „претседател за восхит“, весникот истакнува дека на дебатата тој изгледал како „сенката на голем јавен службеник“ и дека би се впуштил во „непромислена авантура“ доколку ја продолжи кампањата.
„Нема причина партијата да ги ризикува стабилноста и безбедноста на земјата со тоа што ги принудува гласачите да избираат меѓу недостатоците на г-дин Трамп и оние на г-дин Бајден“, пишува весникот.
„Премногу голем залог е да се надеваме дека Американците ќе ги игнорираат или минимизираат годините и слабоста на г-дин Бајден, кои тие ги гледаат со свои очи“, се додава во њујоршкото издание.
„Ако ризикот од втор мандат на Трамп е толку голем како што тој вели – а ние се согласуваме со него дека опасноста е огромна – тогаш неговата посветеност на оваа земја ги остава него и неговата партија само со еден избор“, посочува „Њујорк тајмс“.
Статијата беше објавена два часа откако Бајден пристигна во Њујорк на дводневна турнеја за собирање средства за неговата кампања.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа