Компании од Јапонија заинтересирани за бизнис во Македонија

 

Македонија е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа, има најнизок даночен пакет, поволна и образована работна сила, прави голем дел реформи во намалување на процедурите за бизнисмените и создава добра бизнис клима. Вака премиерот Никола Груевски ги повика јапонските потенцијални инвеститори добро да ги анализираат податоците и поволностите и да ја внесат Македонија во своите планови за ширење на капацитетите во Европа.

-  Многу глобални компании дојдоа во Македонија и отворија нов бизнис, изградија капацитети и започнаа производство.  Најголем дел дојдоа од САД, Велика Британија и Германија. Знам дека најголем дел од компаниите од Јапонија кои одат во Европа, одат во Германија или Велика Британија. Добра информација за вас е дека многу компании од Германија и Велика Британија доаѓаат во Македонија, па размислете за овој факт и посетете ја Македонија да се уверите во добрите услови за водење бизнис за кои зборувам, рече премиерот Груевски во своето обраќање на Бизнис форумот организиран со групацијата Фајненшл Тајмс на кој присуствуваа менаџери од над 60 компании, претежно од областа на автомобилската индустрија, роботиката, хемиската индустрија, енергетиката, како и претставници на инвестициски фондови.

За поволните макроекономски податоци како параметар за креирање на предвидливо бизнис окружување пред инвеститорите говореше вицепремеирот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој изрази и позитивни очекувања од презентацијата на поволностите: - Имавме добра посетеност и очигледно од она што го слушнаа сметаат дека може да ја искористат Македонија како порта за европскиот пазар, да го пласираат својот бизнис во Македонија и оттаму да продаваат во Европа на пазар од 660 милиони потрошувачи, изјави Ставрески.

Јапонските бизнисмени позитивно ја оценија презентацијата на македонскиот владин тим, а некои од нив изјавија дека ќе ја посетат Република Македонија.

- Во август ќе предводам делегација од 10 бизнисмени во Македонија, ќе престојуваме една недела, и сакам да иницирам бизнис во Македонија, заинтересирани сме за медицинскиот туризам, изјави Јуро Нагакава, претседател на Јапонската бизнис асоцијација.

Економскиот дел од владината посета на земјите на азискиот исток продолжува со бизнис форум кој ќе се одржи во Сеул, главниот град на Република Кореја.

01.07.2014 - 10:10
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега