ФОТО: Продуктивна средба на Груевски со јапонскиот премиер

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска во Токио, оствари средба со премиерот на Царството Јапонија, Шинзо Абе.

Соговорниците позитивно ги оценија политичките односи на билатерален и на мултилатерален план. Беше истакнато задоволство и од практиката на одржување на средби на највисоко политичко ниво. 

Премиерот Груевски информираше за нашите стратешки определби за европските и евроатланските интеграции, и за реформите кои се спроведуваат во насока на обезбедување на поволна бизнис клима за странските инвеститори и општо за развој на економијатa, како и за можностите за склучување на билатерални договори за одбегнување на двојното оданочување и за заштита на инвестициите.

-На средбата со јапонскиот Премиер заклучивме дека политичката соработка помеѓу Македонија и Јапонија е одлична на секаков план, и на билатерален план, и на мултилатерален план преку поддршка во Обединетине Нации на различни иницијативи на двете страни со поддршка едната на другата. Практично зборувавме доста за економскиот дел, за она што вчера го презентиравме пред инвеститорите и компаниите од Јапонија. Ги објаснив предностите кои Македонија ги има за правење бизнис кај нас и заеднички се согласивме дека тоа се одлични односи и дека е оправдано нашето доаѓање за објаснување на предностите што ги даваме за инвестирање во нашата земја. Разговаравме и за другите видови на соработка, соработката во образованието каде што Јапонија го зголемува бројот на стипендии за студенти од Република Македонија, и за секаков вид на друга соработка, во областа на културата, во областа на економијата каде што најмногу се задржавме, така што можам да кажам дека средбата беше одлична и продуктивна и се надевам дека сите овие наши напори да привлечеме повеќе компании во Македонија ќе вродат со плод, истакна премиерот Груевски по средбата.     

Премиерот Абе позитивно ги оцени економските реформи кои ги спроведува нашата земја, истакнувајќи дека истите тие реформи се потврдени со резултати, и дека поволностите и мерките кои ги нудиме се охрабрувачки за анализи и размислувања за јапонските инвеститори при креирањето на одлуки за проширување на нивните бизниси.

01.07.2014 - 10:36
Фото: 
курир
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега