Државниот завод за статистика се поблиску до ЕУ стандардите
Државниот завод за статистика се приближува до европските стандарди, прераснува во високопрофесионална институција која може да одговори на сите предизвици, беше оценето на денешната завршна конференција по повод двегодишниот твининг проект за јакнење на капацитетите на ДЗС.
Проектот поддржан од ЕУ со 1,2 милиони евра, почна во август 2012 година, а официјално ќе заврши следниот месец. Опфати четири компоненти - унапредување на националните сметки и на секторските статистики, градење капацитети и електронско прибирање податоци. Целта беше подобрување на квалитетот, достапноста и споредливоста на статистичките податоци како база за креирање квалитетни општествени политики.
Како што нагласи евроамбасадорот Аиов Орав, хармонизацијата на статистиката е клучна, особено во барањето да се биде дел од ЕУ.
- Официјалната статистика обезбедува податоци врз основа на кои се креираат надворешните, но и внатрешните социјални и економски политики, добри за општеството. Оттука и нејзиното значење за развој на сите демократски и пазарно ориентирани општества, истакна Орав.
Стратегиите на раст, додаде, се повеќе се потпираат на споредливи економски и социјални индикатори
Државниот завод за статистика, според директорката Благица Новковска, го зголеми бројот на статистиките усогласени со ЕУ стандардите.
- Во рамки на твининг проектот се реализираа 91 активност од кои 82 мисии и шест студсики посети. Потпишани се и три договори со приватни компании. Договорени беа 274 домашни задачи од кои 87 отсто се завршени, 11 отсто се во тек, а две доцнат, но ќе бидат финализирани до кајот на проектот, посочи Новковска.
Освен постигнатите клучни резултати, бенефит од проектот е и запознавањето со добрите практики на националните статистички институции, зголемените знаења и вештини на вработените за подобро планирање на идните меѓународни активности, како и воспоставената комуникација со експерите.
Според претседателот на Германскиот завод за статистика Родерих Егелер, останува предизвикот за обезбедување навремени, точни и споредливи податоци.
- И во Македонија има голем интерес од деловните субјекти, институциите и јавноста за добивање навремени, точни и споредливи податоци во однос на економската или социјалната состојба во државата. Како статистичари, ние треба да одговориме на оваа задача, да развиеме применлива методологија, нагласи Егелер.
Само доколку заводите за статистика тесно соработуваат, рече, може да се постигне споредливост на податоците.
Егелер оцени дека ДЗС евидентно ја унапреди својата работа во повеќе сфери меѓу кои и органско земјоделство, сиромаштија и социјална исклученост.
Во проектот за јакнење на капацитетите на ДЗС учествуваа експерти од Чешка, Данска, Германија, Словачка, Бугарија и Франција.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа