Македонски компании на интернационалниот саем „Фенси фуд“ во Њујорк

 

Осум македонски компании деновиве во Њујорк го претставуваат домашниот преработувачки сектор на еден од најзначајните интернационални саеми за храна во светот „Фенси фуд“.

Фенси фуд“ е најголемиот саем за храна и пијалаци што се одржува секоја година во Северна Америка од 29 јуни до 1 јули. Се претставуваат 40.000 изложувачи од 80 земји со вкупно 260.000 видови прехранбени производи.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, саемот претставува можност американските трговци и потрошувачи да се запознаат со македонските прехранбени производи и да отворат простор за нив во малопродажните места.

Штандот на Македонија зафаќа 70 метри квадратни површина и е сместен на одлична позиција во централниот дел на приземјето на саемот, веднаш до националните штандови на Канада, Холандија и Велика Британија. На него, покрај македонскиот традиционален ајвар, изложени се и разни преработки од овошје и зеленчук со можност да се дегустираат.

- Интересот за нашите производи е огромен. Посетителите се пријатно изненадени од вкусот на македонските производи, така што на нашите компании им е овозможена одлична можност за освојување на американскиот пазар, наведува Министерството.

За успешен настап и успешно претставување на македонските компании се погрижи Министерството за земјоделство во соработка со конзулот на РМ во Њујорк Гоце Карајанов и Македонската асоцијација на преработувачи (МАП). Учеството на саемот е овозможено со финансиски средства што ги обезбеди Владата наменети за промоција на македонското извозно земјоделско производство на светските реномирани саеми за храна и вино.

01.07.2014 - 15:54
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега