Груевски-Лунг Чун-јинг: Македонија и Кина ќе ја унапредуваат економската соработка

 

Македонскиот премиер Никола Груевски, денеска оствари средба со главниот извршител и претседател на Извршниот совет на специјалниот административен регион Хонг Конг, кој е дел од Народна Република Кина, Лунг Чун-јинг.

На средбата беше разговарано за унапредување на соработката на полето на економијата, трговската размена и соработката на полето на инвестициите, како и за остварување на соработка во други полиња од заеднички интерес.

Двајцата соговорници истакнаа дека во идниот период ќе се залагаат за унапредување на односите и соработката помеѓу двете страни и помеѓу македонските и бизнисмените од Хонг Конг.

Премиерот Груевски информираше за реформите кои се спроведуваат за овозможување на позитивна бизнис клима и за поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори за отворање на бизнис во Македонија.

Беше разговарано и за спроведување на процедурите кои би воделе кон потпишување на договори за унапредување на економските односи и заокружување на правна рамка за продлабочена соработка помеѓу двете страни, кои се иницирани од македонската Влада.

На средбата стана збор и за можностите за соработка на полето на туризмот.

 Соговорниците разговараа и за можностите за соработка и во образованието, при што премиерот Груевски понуди стипендирање на студенти од Хонг Конг за студирање на Универзитетот за информатички технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид.

Беше разговарано и за можностите за остварување на соработка и на полето на филмската индустрија помеѓу субјекти од овој сектор од двете страни. Имајќи ја предвид развиената филмска индустрија во Хонг Конг, премиерот Груевски ги претстави и можностите кои нашата земја ги овозможува за субјектите од филмската продукција и за снимање на сцени од филмови во Република Македонија, пред се преку даночните ослободувања и поврат во висина од 20 проценти кои се нудат на филмските продукции.

-Имавме можност да размениме мислење за повеќе работи, но и да поразговараме за повеќе договори кои би ги потпишале за идниот развој на економските односи со Хонг Конг. Разговаравме за договорот за одбегнување на двојното оданочување и за договорот за заштита на инвестициите. Отворивме и други полиња каде што би можело во иднина да има соработка, како што се туризмот и филмската индустрија, изјави премиерот Груевски по средбата.

Претседателот на Извршниот совет на Хонг Конг, НР Кина, Лунг Чун-јинг, позитивно ги оцени реформите за унапредување на деловната клима кои ги спроведува нашата земја и истакна поддршка за унапредување на економската соработка. Тој ги истакна и предностите од соработката на македонските и бизнисмените од Хонг Конг.

-Од посетата на премиерот на Македонија на Хонг Конг и од дискусијата имав можност да слушнам за можностите кои им се нудат на бизнисмените од Хонг Конг и на бизнисите кои се лоцирани во Хонг Конг за соработка со македонските бизнисмени. Хонг Конг е отворена економија и ги повикуваме македонските бизнисмени за соработка, а хонгконшките бизнисмени имаат отворен ум за соработка со странски партнери. Гледаме напред во соработката со македонската Влада и македонските бизнисмени, изјави по средбата Лунг Чун-јинг.

Посетата на владината делегација продолжува со одржување на бизнис форум во Хонг Конг.

03.07.2014 - 12:52
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега