НБРМ: Во 2013 година задржана финансиската стабилност
Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница го усвои Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија за 2013 година, при што констатира задржување на финансиската стабилност и во 2013 година.
Како што се наведува во соопштението од Народната банка на Република Македонија, банкарскиот систем и натаму го сочинува најголемиот дел од финансискиот сектор. Слабата поврзаност меѓу банкарскиот систем и останатите сегменти, капитално финансираното пензиско осигурување, осигурителниот сектор, лизингот и инвестициските фондови се причина за минимизирање на можноста за прелевање на ризиците од еден сегмент во друг.
Советот смета дека и покрај закрепнувањето на домашната економска активност, поради умереното закрепнување на банкарскиот систем во евро-зоната, банкарските групации присутни во Република Македонија и во 2013 година применуваа претпазливи политики при кредитирањето. Исто така, како резултат на последиците од глобалната економска и финансиска криза, во првите шест месеци од годината квалитетот на кредитното портфолио продолжи да се намалува, што се огледа преку високиот раст на нефункционалните кредити на корпоративниот сектор. Во втората половина на годината, поттикнати од трендот на закрепнување на домашната економија, дел од банките направија засилени напори за поголема наплата на нефункционалните побарувања, како и преструктурирања на побарувањата од оние клиенти за кои оцениле дека е потребно целисходно приспособување на кредитните услови кон нивната моментална финансиска состојба. Овие активности, заедно со поголемата кредитна активност на банките кон корпоративниот сектор, придонесоа на крајот од 2013 година стапката на нефункционални кредити да биде на најниско ниво за целата година, со исклучок на јануари, и да изнесува 11,5 проценти.
Стабилната и висока ликвидност останува еден од основните столбови на банкарскиот систем, при што ликвидните средства продолжуваат да растат и во континуитет покриваат речиси 60 отсто од депозитите на домаќинствата кај банките. Покрај ликвидноста, за зацврстување на финансиската стабилност придонесува и високата солвентност на банките, при што на 31 декември 2013 година стапката на адекватност на капиталот на ниво на банкарски систем и понатаму е двојно повисока од законски пропишаниот минимум и изнесува 16,8 отсто.
Советот констатира дека профитабилноста е видно подобрена во однос на 2012 година, главно поради растот на нето каматниот приход, кој, пак, произлезе од падот на расходите за камати. Одржувањето поволна нето каматна маргина, според Советот на НБРМ, претставува битен предизвик за банките во наредниот период, во услови на значително намален простор за натамошно спуштање на каматните стапки на депозитите и се уште присутните ризици од оштетувања во кредитното портфолио.
На денешната седница Советот, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите за издавање ковани пари за колекционерски цели, а по претходно донесените одлуки за издавање, како и одлуки за пуштање во оптек кована пара за колекционерски цели „Лав“ и „Девица“, ја усвои и Одлуката за издавање кована пара за колекционерски цели „Вага“ и „Скорпија“, од серијата „Хороскопски знаци“. Кованите пари „Вага“и „Скорпија“ ќе бидат во апоени од 10 денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа