Објавен оглас за изградба на објекти во индустриската зона „Жабени“

 

Општина Битола објави оглас за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија по пат на електронско јавно наддавање за изградба на објекти за комерцијални и деловни дејности, производство, дистрибуција и сервиси во јужната индустриска зона „Жабени“.

Се работи за градежно неизградено земјиште во индустриската зона „Жабени“ на кое, урбанистичкиот план предвидува купување пет парцели за комерцијални и деловни дејности и девет парцели со различна површина за изградба на објекти наменети за производство, дистрибуција и сервиси.

Од Општина Битола информираат дека се огласени 11 парцели за отуѓување по пат на јавно наддавање, исто така сопственост на Република Македонија, кои се наоѓаат во поранешната касарна. На нив е предвидена изградба на хотелски комплекс, катна гаража, трговски центар и станбени згради.

Во јавниот повик чиј рок истекува на крајот од јули, се посочува и можноста за купување градежно земјиште во градската работна зона северно од патот Битола-Новаци и локалитетот „Француски гробишта“ со цел изградба на капацитети од сферата на лесната индустрија во кои инвеститорите ќе треба да вработат по 120 лица.

Општина Битола објави оглас и за продажба на објекти во поранешната касарна на АРМ кои се во сопственост на локалната самоуправа. Станува збор за девет локации со различна површина и различна намена во зависност од деталниот урбанистички план за АРМ-втор дел. Продажбата на објектите ќе се врши по пат на јавно наддавање на 10 јули и според принципот на целосно преземање, видено-купено, информира Општина Битола. 

04.07.2014 - 10:39
Фото: 
Канал 5
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега