Трајановски: ЗЕЛС работи во интерес на граѓаните

Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија-ЗЕЛС работи компактно, независно од политичка или етничка припадност. Одлуките што се носат се во интерес на граѓаните и на сите општини, независно од нивната големина или во кој дел од државата се наоѓаат, истакна претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски.

Како големо достигнување во 2013 година, Трајановски го посочи издавањето градежни дозволи по електронски пат.

- На почетокот имавме проблеми, додека да почне да функционира, кои сега се надминати. Владата ни помогна финансиски да се изготви софтверот, а имавме поддршка од сите градоначалници и стручни служби од урбанизмот, рече Трајановски на третата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС.

Втората придобивка од 2013 година, рече, е ЗЕЛС тренинг-центарот кој го оправда своето постoење.

- Повеќе од три илјади државни службеници во различни области беа обучени во ЗЕЛС тренинг-центарот. Центарот и понатаму ќе остане место каде ќе можат државните службеници од локалната самоуправа да стекнуваат знаења, истакна Трајановски.

Електронското донесување на деталните урбанистички планови, како што нагласи, е еден од главните проекти за годинава.

- Очекуваме да се зголеми процентот на ДДВ за финансирање на локалната самоуправа. Ќе бараме од Владата да добиеме процент од концесијата на земјоделското земјиште за подобрување на финансиската состојба на локалната самоуправа, рече Трајнаовски.

Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани посочи дека очекува соработка со ЗЕЛС со цел, како што рече, креирање политики кои би придонеле до поголем развој на регионите и подобрување на животот на граѓаните.

Шабани додаде дека ќе се залага за доследно спроведување на процесот на децентрализација и за рамномерен регионален развој.

04.07.2014 - 14:37
Фото: 
MIA
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега