Повик за субвенционирано вработување на корисници на социјална парична помош
Објавен е јавниот повик до невработените лица корисници на социјална парична помош и до работодавачите за субвенционирано вработување на приматели на социјална помош. За ова денеска информираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Спасов, кој заедно со директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски и раководителот на Центарот за вработување на град Скопје, Слободанка Алексовска ги појаснија мерките за субвенционирано вработување на корисници на социјална парична помош и обука за работодавачи, нагласи дека врвен приоритет останува зголемувањето на бројот на работни места и отворање нови, поттикнување на вработувањето и обезбедување повеќе шанси за вработување невработени лица, преку спроведување на низа мерки за субвенционирање и овозможување обуки за вештини кои се бараат на пазарот на трудот. Субвенцијата ќе изнесува 17 илјади денари месечно за 6 месеци, од кои 14 илјади денари бруто месечна плата по вработено лице и три илјади денари месечно за работодавачите за секој вработен во периодот од првите 6 месеци, наменети за покривање на трошоците за обука и материјали.
- Работодавачот нема да смее на вработените да им исплаќа плати пониски од добиената субвенција во периодот од 6 месеци субвенционирано вработување и има обврска да ги задржи сите учесници во програмата дополнително 6 месеци по истекот на 6-те месеци од периодот на субвенционираното вработување. Буџетот за оваа мерка е 12.750.000 денари, појасни министерот Спасов.
Обуката пак кај познат работодавач предвидува подготовка за вработување и трае до три месеци, со обврска работодавачот да вработи најмалку 50 проценти од вклучените лица во обуката. Во 2014 година планирано е да се опфатат 1.000 неработени, додека пак буџетот планиран за реализација на оваа мерка е 22.580.000 денари: - Висината на паричните средства за невработено лице вклучено во подготовката изнесува 5.700 денари месечно, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување, како и 4.080 денари парична помош за копанијата за поддршка на обука и материјали, рече министерот за труд и социјална политика.
Според Спасов, од 2007 до 2013 година во Програмата за обука кај познат работодавач учествувале 7.278 лица, од кои се постигнати 6.591 вработување.
Директорот на Агенцијата за вработување Поповски појасни дека после десет дена од поднесување на барањето за обука кај познат работодавач, тоа барање се проверува и веднаш, како што рече, на 11-от ден на работодавачот му се дава договор со кој ќе може да апсорбира одреден број невработени кои ќе можат да бидат обучени во таа компанија.
- Оваа обука не е бесплатна, туку е платена. Оваа мерка во минатото се покажа како доста квалитетна мерка бидејќи го премостуваме јазот меѓу образованието, вештините и потребите на работодавачите за новите технологии за работа. Досега повеќе компании преку оваа мерка обезбедија квалитетна работна сила, истакна Поповски.
Единствен услов за да можат лицата да се пријават, посочи раководителот на Центарот за вработување на град Скопје, Слободанка Алексовска, е да се корисници на социјална парична помош и да се регистрирани само еден ден пред објавување на огласот во евиденцијата на Агенцијата за вработување како невработени лица коишто активно бараат работа.
- Единствен услов за работодавачите е да го немаат намалено бројот на вработени на неопределено време од денот на објавување на јавниот оглас до денот на поднесување на апликацијата за учество во оваа мерка, изјави Алексовска, додавајќи оти за мерката обука кај познат работодавач, работодавачите треба да го немаат намалено бројот на вработени на неопределено во последните 6 месеци и да ги имаат подмирено сите даноци и придонеси кон државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа