Македонија на мапата на финансиските џинови
Јапонија, Кина и Јужна Кореја – ова се трите економски џинови од Азија, земји во кои Македонија цела недела ги претставуваше инвестициските можности. Добрата бизнис – клима, атрактивниот даночен пакет, младата и образована работна сила, поволностите во слободните економски зони – ова се адутите со кои земјава се обидува да привлече инвеститори од најразвиените држави на азискиот континент, анализира Лидер.
Владината делегација најпрвин пристигна во Царството Јапонија. Јапонската економија е трета во светот според номиналниот БДП, додека според паритетот на куповна моќ, тие се четврти. Земјата е членка на Г8, а тука се наоѓаат дури 62 и од 500-те најголеми и најпрофитабилни светски корпорации. Јапонија, потсетува Лидер, постигна импресивни резултати на полето на роботиката, електрониката, во делот на автомобилскиот сектор. Во Токио, еден од водечките светски финансиски центри, средба Груевски – Нарухито. На средбата со јапонскиот принц, отворена е вратата за позасилена економска соработка, за работите да станат понконкретни веќе на средбата со премиерот Шинзо Абе. Разговарано за склучување на билатерални договори за одбегнување на двојното оданочување и за заштита на инвестициите, за веднаш потоа, на бизнис – форум пред околу 60 менаџери на јапонски компании, да бидат претставени инвестициските можности во Македонија.
-Со данок на добивка од 10 проценти сте многу компетитивни. Добро е што вашата Влада е фокусирана на поттикнување на странските директни инвестиции, оцени бизнисменот Хидејуки Такемура.
Откако ги слушнаа поволностите кои ги нуди Македонија, дел од јапонските бизнисмени најавија посета на земјава.
-Во август ќе дојдам во Македонија и ќе предводам делегација од 10 бизнисмени. Ќе престојуваме една недела. Сакам да ги засилиме бизнис – врските во вашата земја, рече претседателот на јапонската бизнис – асоцијација, Јуро Нагакава.
Премиерот Груевски ги покани бизнисмените да дојдат во земјава, да ја скенираат бизнис – климата, да се уверат во инвестициските можности, да го следат примерот на низа мултинационални компании.
-Многу глобални компании дојдоа во Македонија, почнаа бизнис, изградија капацитети, стартуваа со производство. Најголемиот дел од нив се од САД, Германија и Велика Британија. Јас знам дека јапонските компании кога одат во Европа, одат во Германија или Велика Британија, но сега компании од овие земји доаѓаат во Македонија. Размислете за ова и дојдете во Македонија, рече Груевски.
Во владината делегација која ловеше инвестиции во Азија, беше и министерот за финансии, Зоран Ставрески. Тој на јапонските компании им посочи дека во Македонија можат да го пренесат дел од производството, и со ниски трошоци, да извезуваат на европскиот пазар.
-Нашата земја можат да ја користат како порта за влез на европскиот пазар, да го пласираат својот бизнис во Македонија, и оттука да продаваат на пазар, кој преку потпишаните договори за слободна трговија, опфаќа 660 милиони потрошувачи,рече Ставрески.
-По Јапонија, македонската делегација замина во Јужна Кореја, која заедно со Хонг Конг, Сингапур и Тајван, ги претставуваат четирите азиски економски тигри. И покрај проблематичниот сосед, земјата која до пред половина век беше една од најсиромашните во светот, со БДП по глава жител од само 79$, во изминативе години се трансформираше во една од технолошки најразвиените нации. Јужна Кореја сега е една од најбогатите држави, членка на Г20, со 15-та најголема економија (по номинален БДП), односно 12 (според паритетот на куповната моќ). Сега, БДП по глава жител изнесува над 32 илјади долари. Земјата помина низ целосна технолошка револуција, па сега е лидер во делот на производството на електроника, во секторот телекомуникации, во ИКТ – секторот. На бизнис – форум во Сеул, пред компании од автомобилската индустрија, информатиката и туризмот, претставени можностите за соработка, пишува Лидер..
-Беше многу важно, за прв пат, една македонска владина делегација, предводена од премиерот Груевски, да дојде во Јужна Кореја и да ги презентира инвестициските можности пред овдешната бизнис – заедница. Потребно е да не запознаат подобро, да слушнат за ниските даноци и за поволната бизнис – клима, за можноста Македонија да ја користат како порта за влез на европскиот пазар, рече министерот Ставрески.
Истиот впечаток го имаат и Јужнокорејците.
-Потребно е време, затоа што Македонија не е позната во Јужна Кореја. Настаните од овој тип придонесуваат за поблиска соработка, и мислам дека нашите компании, кога ќе бараат нови места за инвестиции, ќе ја имаат Македонија во предвид. Мислам дека Македонија е добро место за инвестирање, истакна бизнисменот Ким Шонг Конг од корејската бизнис – асоцијација, потсетува Лидер.
Последната станица за македонската делегација беше Кина. Кинеската е најбрзорастечка економија во светот, пишува Лидер, со просечна стапка на раст од 10% во изминатите 30 години. Кинеската е втора најголема економија во светот, веднаш по САД, но и најголем извозник во светот, најголем производител, членка на бројни светски организации. Кога пишувавме за четирите азиски економски тигри, го споменавме Хонг Конг, специјалниот административен регион во Кина, водечки финансиски центар. Логично место за бизнис – форум и за презентација на инвестициските можности. Груевски пред присутните бизнисмени и менаџери на инвестициски фондови, ги објаснуваше поволностите во слободните економски зони (компаниите во првите 10 години се целосно ослободени од плаќање данок на добивка и персонален данок на доход, но и од ДДВ и царина за суровините потребни во производствениот процес). Бизнисмените од Хонг Конг „загризаа“.
-Во Хонг Конг имаме низок данок, споредено со регионот. Но, кога слушнав за атрактивниот даночен пакет што го нудите, за персоналниот данок на доход и за данокот на добивка, мислам дека сте апсолутно конкурентни. Ова е многу атрактивен даночен пакет за привлекување странски инвеститори во вашата земја, посочи бизнисменот Рики Чау, од Хонг Конг.
На форумот присуствува претставници на водечки компании од областа на електрониката, телекомуникациите, транспортот, логистиката, кои се гладни за нови пазари.
-Во Хонг Конг растат трошоците за компаниите. Затоа, фирмите бараат локации во Европа каде ќе можат да го пласираат својот бизнис, по многу пониски трошоци, со лесен пристап до европскиот пазар. Македонија е земја која го нуди тоа, рече Ставрески.
Веднаш до Хонг Конг се наоѓа Гвандонг, еден од најпросперитетните региони во Кина, со надворешно – трговска размена вредна трилион долари. При посетата на Гвандонг, двете страни ја истакнаа потребата и желбата за продлабочување на економските врски и за реализација на нови инвестиции.
-Ова е економски многу силна провинција, со развиени бизниси, со многу компании, многу пари, со многу инвеститори и многу можности за инвестирање во Македонија. Беше многу важно да се сретнеме со властите, бидејќи нивната поддршка и порака е многу важна, рече Груевски.
Посетата на Кина, беше заокружена со средбата со менаџментот на мултинационалната групација ВЕИБО. Компанијата ги објави бизнис – плановите за Македонија. На североистокот ќе изградат интегрирата текстилна зона. Вложуваат 400 милиони долари, инвестиција која ќе донесе 5.000 нови работни места.
-Одлучивме да реализираме инвестиција во Република Македонија во вредност од 400 милиони долари. На површина од 400.000 квадратни метри ќе изградиме текстилна зона, во која ќе работат 5.000 луѓе, рече директорот на групацијата, Селчук Алперин.
ВЕБО ќе работи исклучиво за извоз (под ознаката „Made in Macedonia“), а изградбата на погоните и халите ќе ја почнат во втората половина од годинава. Првите извозни зделки се најавени за почетокот на 2015-та.
Групацијата вработува 14.400 луѓе, има фабрики во Кина, Турција и Камбоџа, и речиси 3.000 продавници. Соработуваат со Масимо Дути, Кортефил, Хуго Бос, Левис. Во игра за нивната инвестиција биле и Србија, Бугарија, Романија и Албанија, но на крајот се решиле за Македонија. Од зоната во нашата земја, во период од пет години, се очекува вредноста на извозот да достигне од 600 до 800 милиони долари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа