Нови 2.000 вработувања: Американска компанија доаѓа во Македонија

 

 Мултинационален контакт центар  со седиште во САД планира да отвори претставништво во Македонија. Отворањето на претставништвото ќе донесе нови2.000 работни места.

 

Првите интервјуа на кандидатите се одвиваат во рамки на Саемот за работа, што се одржува денеска во Скопје. Домаќин на саемот е Кабинетот на министерот за странски инвестиции Џери Наумоф.

- Домаќини сме на Саем за работа  во име на голема американска компанија која сака да отвори претставништво во Македонија. Ова е мултинационален  контакт центар компанија којашто  моментно има 12.000 вработени, работи во пет држави, и сака да отвори свое претставништво во Македонија. Компанијата планира 2.000 вработувања  во насока  на грижа на корисници  и техничка поддршка на големи компании  во САД кои се лидери во најразлични индустрии, рече денесла министерот  Наумоф.

Засега нема да го откриеме името на инвеститорот, додаде Наумоф, објаснувајќи дека компанијата за работни позиции бара кадар со активно познавање англиски јазик, пишување, читање и говорење, и работа со компјутер. На вработените, појасни,  ќе им се обезбеди платена обука во период од 8 до 10 недели, со што треба да ги научат основните вештини за техничка поддршка на големите компании со кои ќе соработува контакт центарот.

Во  најавата на Саемот за кариера, локалната агенција за поддршка на американскиот инвеститор информира дека претставништвото во Македонија  ќе работи на поддршка на клиенти по американско работно време. Бруто платата, според објавата, ќе изнесува 29.334 денари.

Контакт центарот, објаснуваат консултантите на американскиот ивеститор, опслужува  дојдовни повици и прашања поставени преку порака и меил на кои вработените агенти треба да дадат соодветни одговори и да решат соодветни комплексни прашања. Колку вработувања ќе се реализираат  ќе зависи од потенцијалот и квалитетот на кандидатите.

- Проценката за атрактивноста на земјите за  контакт  центар бизнисот најмногу зависи од познавањето на англискиот јазик и од едукацискиот систем во државата. Нашата проценка покажа дека  едукацискиот систем во Македонија е многу добар, дека луѓето имаат високи технички компетенции и тоа е причината  зошто одлучивме да дојдеме токму овде, велат консултантите.

09.07.2014 - 13:24
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега