Холандски туристи и во наредните три години ќе уживаат во убавините на Македонија
Туристи од земјите на Бенелукс и наредните три години ќе бидат гости на Охридско-струшката ривиера, благодарение на продолжувањето на договорот на холандскиот тур-оператор „Корендон интернешнал“ за закуп на аранжмани за сезоните 2015, 2016 и 2017 година.
Како што појасни Асим Меџедовиќ, менаџерот на „Фибула Ер Травел“ - македонскиот партнер на „Корендон“,вредноста на потпишаните договори изнесува неколку милиони евра, со тоа што се закупени аранжмани во повеќе од десет хотели на Охридско-струшката ривиера.
- Новина во закупот на аранжмани за следните години е што на понудата хотелите ќе имаат и „алл инцлусиве“ како и други дополнителни услуги и содржини за гостите, што се очекува да резултира со зголемување на вкупниот број туристи од државите на Бенелук, истакна Меџедовиќ.
Претседателот на Здружението на хотелиерите на Македонија (ХОТАМ) Дончо Танески оцени дека потпишување на тригодишните договори за хотелиерите значи одредена сигурност во натамошното работење, во планирањето и сигурноста за инвестициите предвидени за наредните три години.
- Изминатите три години договорите со „Конредон“ помогнаа во реконструкција и реновирање на постоечките хотелски бази, во подобрување на квалитетот, зависно обемот на средствата и барањата на гостите... . Се надевам дека и оние кои не успеале изминатите три години нешто да инвестираат, дека и тие во наредниот период ќе можат нешто да подобрат во своите услуги, се со цел за отварање на нов пазар, со што би биле вклучени и оние хотели што немаат склучено договори за закуп за гости од Бенелукс, нагласи Танески.
За новината во понудата на хотелите со „ алл инцлусиве “ услугите, каква што од оваа година воведе хотелот „Гранит“, Танески оцени дека таа претставува збогатување на понудата, како што истакна „во оној дел во кој ние како хотелиери треба да дојдеме до израз, прекуподобрување на квалитетот на сместувањето, во понудата во делот на забавата за гостите во самите хотели, се до „алл инцлусиве“ понудата, на која се навикнати туристите од западните земји.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа