Ставрески: Намалените стапки на ДДВ - поддршка на стандардот на граѓаните
Собранието на Република Македонија денеска во рамки на осмата седница ја утврди потребата за носење на измените и дополнувањата на Законот за додадена вредност со кои се предвидува намалување на стапката на Данокот на додадена вредност (ДДВ) од 18 на пет проценти за бебешките производи, училишниот прибор, сточната храна и адитивите на сточна или добиточна храна и жив добиток.
Законот, како што истакна вицепремиерот и заменик-министер за финансии Зоран Ставрески содржи значајна измена во насока на поддршка на стандардот на граѓаните на Република Македонија, посебно на младите семејства кои имаат деца на училишна возраст или пак бебиња, како и поддршка на земјоделците и сточарите, пред се, како одговор на едно нивно долгодишно барање.
- Се работи за закон со кој се предлага намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 проценти за три категории на производи. Прво за добиточна храна, адитиви за добиточна храна и жив добиток. Второ за бебешки производи и тоа вклучитлено сите бебешки производи и третото е училишниот прибор што се користи од страна на децата, торба, ранец, молив, пенкала, работни тетратки, боички и се друго што спаѓа во училишен прибор. Ќе дојде до намалување на трошоците за семејствата и за сточарите со што веруваме дека на најдобар и на најдиректен можен начин се поддржува стандардот на младите семејства сите што имаат деца во училишна возраст, таму каде што има семејства со повеќе деца посебно ќе се почуствува со заштеди од неколку илјади денари месечно, рече Ставрески.
Семејствата со принова бенефитите ќе ги почуствуваат при купување на креветче, количка и се друго што користат за бебињата.
- И конечно сточарите, сите оние кои се занимаваат со фармерско производство, како и фирмите што се занимаваат со преработка на млеко и млечни производи и месо ќе можат преку намалувањето на ДДВ на добиточна храна и прометот на жив добиток со помали влезни трошоци да го реализираат производството, истакна вицепремиерот.
Сето тоа, потенцираше тој, е во насока на зајакнуање на конкурентноста на македонското земјоделство и на македонските сточари.
- Верувам дека со оглед на директните придобивки за голем број на граѓани од РМ овој закон ќе биде поддржан од страна на пратениците, рече тој.
Фискалните импликации што ќе ги предизвика ова законско решение ќе изнесуваат 380 милиони денари на годишно ниво. Измените и дополнувањата ќе стапат во сила за десетина дена кога законот ќе излезе во службениот весник.
Собранието во попладневната сесија ја утврди потребата за носење на предлозите на законите за еднократно отпишување на долговите на граѓаните, на Законот за супервизија на осигурување, на Законот за девизната инспекција и на Законот за фиснансиските друштва и на Законот за регистрирање на готовински плаќања.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа