Погребани уште 175 жртви на масакрот во Сребреница
Со интонирање на химната на Босна и Херцеговина денеска во Меморијалниот центар Поточари крај Сребреница почна церемонијата за одбележување на 19-годишнината од масовните убиства на околу осум илјади босански муслимани во Сребреница од страна на силите на босанските Срби.
Случувањата во јули во 1995 година во Сребреница беа прогласени за геноцид од меѓународното правосудство.
Многубројни делегации на претставници на политичкиот живот во БиХ и на дипломатските мисии, на голем број здруженија, организации и религиозни и воени структури положија венци и цвеќиња на Меморијалот.
Заедно со претседавачот на босанкото Претседателство, Бакир Изетбеговиќ и хрватскиот член на ова тело Жељко Комшиќ почит на жртвите им оддадоа и делегации од повеќе земји, меѓу кои и Македонија, САД, Саудиска Арабија, Франција, Ирак, Германија, Романија, Грција, Шпанија и Швајцарија.
Во Меморијалниот центар колективно беа погребани посмртните останки на уште 175 жртви, идентификувани оваа година. Тие беа додадени кон веќе погребаните 6.066 жртви и од денеска во Меморијалниот центар се погребани 6.241 лице.
Муфтијата на БиХ, Хусеин Кавазовиќ пред да ја прочита молитвата за мртвите изјави дека убиството на осумте илјади муслимани во Сребреница во јули 1995 година има „огромни вселенски размери“.
- Таа болка се уште не е надмината. Тоа ќе се случи кога ќе процвети цветот на покајанието, додаде тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа