Нов почеток со нови сили - „Руен“ почнува со производство
Рестартирано производството во фабриката „Руен“, која произведува делови за автомобилската индустрија, сега под името „Руен Инокс аутомобиле“. Почетокот на производството беше одбележано со пригодна свеченост.
Старата фабрика „Руен“ на јавна електронска аукција ја купија „ТИНГ Инокс“ од Кочани и „Офис експрес“ од Кочани, кои за само два месеци од преземањето на компанијата ја вратија во производна кондиција во сите нејзини осум производни целини, вклучувајќи го тука и погонот за производство на фрикциони облоги.
- За рестартирањето на „Руен“ за почеток вложивме една 1 милион евра сопствени средства. Со вакви продуктивни капацитети „Руен Инокс аутомобиле“ има брз технолошки развој и оспособена за многу побрзо освојување на нови производи, истакна на свеченоста Славе Јорданов, сопственик на „ТИНГ Инокс Аутомобиле“.
Според него, сите производни погони се во функција. Ангажирани се 120 работници од сите профили, поранешни работници на „Руен“, како и 25 дипломирани инженери од машинската, електро и хемиската струка.
- Радува фактот што традиционалните купувачи веќе се враќаат и моментно „Руен Инокс аутомобиле“ има нарачка од 600.000 евра. Првите испораки за старите купувачи од Романија, Србија, Турција, Јужна Африка, Словенија, БиХ се веќе подготвени за испорака. Интензивни се преговорите со новите купувачи за нови пазари, пред се во Турција и Блискиот Исток, рече Јорданов.
Фабриката во моментов има капацитет за месечно производство од 20.000 ламели за патнички возила, 20.000 квачила за патнички возила, 3.000 ламели за товарни возила и трактори и 2.000 квачила за товарни возила и трактори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа