Најавите за инвестициски „бум" се остваруваат
Во тек на градба се три автопатски делници со вкупна должина од 132 километри, а со пари од странски кредити годинава ќе се обноват околу 100 километри локални патишта. Како што пишува Вечер, Владата за годинава најави инвестициски бум" во инфраструктурата и најавите полека се остваруваат. Се градат објекти за сместување на работниците, се ангажираат превозници, а локалните продавници долж трасите тријат раце, бидејќи има работа и за нив.
Пред изборите почнаа работите за изградба на двата нови автопати во вкупна должина од 104 километри и сега се во полн ек. На трасата од Миладиновце до Штип привршуваат подготвителните работи, на некои места се започнува и со пробивање на трасата. Делницата од Кичево до Охрид е во фаза на проектирање на пристапни патишта. Се работи и на изградба на градежните населби за работниците. Заедно со делницата од Демир Капија до Смоквица, чија изградба е во тек, автопатската мрежа во Македонија ќе биде зголемена за нови 132 километри.
- По проектот за локални патишта финансиран од Светска банка треба да се обноват околу 50 локални патишта во вкупна должина од околу 100 километри чија проценета вредност изнесува околу 6,5 милиони евра. Преку проектот за регионални и локални патишта финансиран од ЕБОР планирана е реконструкција и рехабилитација на патот Велес - Кадрифаково, а потоа и на делницата Лозово - Сарамзалино - Кадрифаково. Оваа година ќе се градат и експресните делници: Охрид - Пештани, Градско - Прилеп, Штип - Кочани и Ранковци - Крива Паланка, потоа, магистралниот пат Битола - Ресен - Буково, регионалните патни правци Спој со А4 (Ново Село) - Маврово - Жировница-Дебар, Пробиштип - ски-центар Пониква, Тораница - Саса, Крива Паланка - Каменица, Гарски мост - Извор, Тетово - Брвеница - Чегране - Гостивар, Мелнички мост - Центар Жупа, Лажани-Ропотово-Црнилиште, Старо Коњарево-Ново Коњарево, Нов Дојран - Николиќ, Делчево - Голак, Кривогаштани - Обршани - Воѓани, Мокрино - Смолари, како и изградба на автопат на делницата Подмоље - Струга - стои во програмата на ЈП за државни патишта.
Преку кредит од ЕБОР ќе се финансира модернизацијата и поставувањето на електронскиот систем за наплата на патарина долж Коридорот 10 и за овој проект се предвидени 250 милиони денари (4 милиони евра).
Се работи и на комплетна рехабилитација, односно вадење на постојниот и ставање на нов асфалт, подобрување на целата сигнализација, еластични огради, заштитни огради на автопатската делница Велес - Катланово во должина од 23,5 километри. Проектот се финансира со пари од ИПА-програмата. На оваа делница се работи и на зајакнување на три моста, а најдоцна до септември следната година треба да бидат зајакнати и обновени сите 13 моста по трасата на оваа делница. Нивната обнова ќе чини 8,6 милиони евра, а парите се обезбедени од НАТО преку Проектот за обнова на мостовите во Македонија.
Исто така, за сопствено учество во инвестиции со странски кредити предвидени се и 892 милиони денари (14,5 милиони евра) што ќе покријат 10% од трошоците за изградба на автопатите Миладиновци - Штип и Кичево - Охрид, а со дел од тие пари ќе биде платено ДДВ-то за посочените проекти. Со 698 милиони денари (11,3 милиони евра) сопствени средства ќе продолжи изградбата на започнатите од 2012 година градежни активности на повеќе делници. За експропријација на делниците ќе се потрошат 200 милиони денари (3,2 милиони евра). За надзор на споменатите делници се предвидени 488 милиони денари (8 милиони евра).
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа