Продолжен рокот на огласот за раководни позиции во Град Скопје

За уште еден месец е продолжен рокот за пројавување интерес за ангажирање лица на раководни позиции во Град Скопје, во градските јавни претпријатија и во културните институции што се во надлежност на Град Скопје. Рокот за пријавување на огласот ќе трае до 25 август.

Огласот се однесува на вкупно 16 раководни позиции во Град Скопје, една раководна позиција во Противпожарната бригада на Град Скопје, пет раководни позиции во културните установи на Град Скопје и 36 раководни позиции во јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Улици и патишта“, „Градски паркинг“, „Водовод и канализација“ и ЈСП „Скопје“.

Град Скопје ги повикува сите заинтересирани кандидати кои имаат соодветно образование, менаџерски способности и лидерски вештини, кои се подготвени за тимска работа и сакаат да се надградуваат да се пријават на овој оглас и да го искажат својот интерес. Сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат законските услови за позицијата за која аплицираат ќе бидат повикани на интервју, дел од нив ќе бидат повикани и на тестирање и нивните податоци и препораки ќе подлежат на проверка.

Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно работно искуство и соодветно образование за преостанатите позиции, а за позициите во администрацијата на Град Скопје потребно е и повеќегодишно искуство во државна служба, да ги поддржуваат политиките на Град Скопје во областа за која се пријавуваат, да ги исполнуваат законските услови за позицијата за која се пријавуваат, како и задолжително да го познаваат англискиот јазик.

Можност за пријавување на овој оглас имаат сите кандидати кои своето образование го оформиле во Република Македонија или во странство.

Кандидатите кои се актуелни раководни лица на позициите кои се објавуваат во овој оглас и/или мандатот им истекува во 2014 година, раководни лица со истечен мандат или в.д. раководни лица на позициите за кои се објавува овој оглас, имаат право и можност повторно да се пријават за позициите кои досега ги извршуваат. Овие лица имаат можност повторно да бидат избрани од Град Скопје врз основа на условите објавени во овој оглас.

Заинтересираните кандидати на овој оглас треба да се пријавуваат само по електронски пат. Апликацијата за огласот може да се најде на веб-страницата на Град Скопје – www.skopje.gov.mk/konkursi 

24.07.2014 - 13:38
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега