ФОТО: Бесими се сретна со италијанската министерка Могерини

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, денеска имаше работна средба со министерот за надворешни работи на Република Италија Федерика Могерини која е во официјална посета на Македонија.

Бесими ја искористи можноста лично да и честита и заблагодари на Могерини за Италијанското претседателство со Европската унија и агендата со приоритети која ја спроведува, меѓу кои од исклучително значење за Република Македонија и земјите од Западен Балкан е издвојувањето на проширувањето како еден од главните приоритети на нивното Претседателство со Унијата. Истакна дека интегрирањето на Република Македонија во Европската унија останува врвен приоритет на Владата на Република Македонија, во таа насока и во наредниот период ќе бидат вложени силни напори во реформскиот процес со цел постигнување напредок, кој ќе биде нотиран во есенскиот извештај на Европската комисија. Континуирано се работи на реформите во судството и зајакнување на довербата во институциите, владеење на правото, слободата на изразување, политичкиот дијалог, меѓуетничките и добрососедските односи, истакна Бесими.

Министерот за надворешни работи на Италија, Могерини, ги поздрави реформите што се спроведуваат во нашата земја и нагласи дека Република Италија за време на нејзиното претседавање со Европска унија, сериозно ќе се посвети на процесот на проширување на ЕУ.

 

 

 

25.07.2014 - 15:10
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега