Македонија со Шпанија во баражот на СП во ракомет
На Светското првенство во Србија 2013 година, нашата женска ракометна репрезентација во баражот за противник ја има селекцијата на Шпанија. Токму од Шпанија пред две години бевме елиминирани во баражот.
- Имавме добри подготовки во Дојран, а потоа тактички работевме во Скопје. Ветувам дека девојките ќе го „остават срцето на терен“. Во Скопје ќе се обидеме да постигнеме позитивен резултат, но за вкупен резултат никој не може да гарантира. Ја подмладивме репрезентацијата и хендикеп ќе биде тоа што помладите не одиграа заедно некој натпревар истакна на денешната прес-конференција селекторот Гино Стрезовски.
На настапот на Мундијаот учеството го откажаа Тања Андрејева, Јулија Николиќ, Драгана Пецевска, Даниела Новеска, а во таков распоред на силите капитенската лента ќе ја понесе Билјана Црвенкоска.
- Шпанија е апсолутен фаворит. Но, ние нема да се предадеме. Во Скопје сме победувале и посилни селекции. Ќе се обидеме да играме мотивирано и концентрирано, а за тоа ни е потребна и помош од публиката, истакна Црвенкоска.
Шпанија на последното Европско првенство беше пласирана на 11.место.
Натпреварот Македонија – Шпанија се игра утре со почеток во 20 часот и 15 минути, а влезот во СРЦ „Кале“ е слободен.