Две мостри позитивни на листерија - конечните резултати во среда

Две мостри биле позитивни на листерија, покажуваат првичните резултати од анализите на близу 200 мостри за утврдување на присуство на оваа бакетрија во храната. Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски.

- Ние во изминатите неколку дена додека траеја контролите однесоваме повеќе од 300 мостри во Ветеринарниот институт, односно во Институтот за храна при  Факултетот за ветеринарна медицина и исто толкав број во Институтот за јавно здравје. Досега имаме резултат од околу 134 мостри од ИЈЗ и околу 54 мостри од Факултетот за ветеринарна медицина. Од овие имаме две позитивни мостри од производи. Но тоа не значи дека се тие поврзани со хуманите случаи на листерија, рече Рунтевски.

Во следниот период подвлече, ќе следи генетска типизација на мострите на Факултетот за ветеринарна медицина, која ќе биде готова до среда поладне и тогаш ќе се знае  дали тие ја предизвикале листериозата кај лицата кои заболеа од бактеријата.

Во однос на колбасите, Рунтевски рече дека овој вид производ не е опфатен со правилникот, бидејќи со него се опфатени готовите производи за консумација. Колбасите, додаде, подлежат на дополнителна термичка обработка со која се смета дека бакетријата би се уништила.

- Производите не се на пазарот, меѓутоа мора да ја чекаме типизацијата во среда, за да кажеме дали има врска или не со хуманите случаи, појасни Рунтевски.

Во меѓувреме, продолжуваат и понатаму со контролите на терен заедно со Државниот здравствен и санитарен инспекторат, рече Рунтевски и информира дека веќе се преземни чекори во однос на последниот случај на листериоза потврден вчера кај лице од Тетово.

Тој појасни дека, овој пациент конзумирал печено месо, а не сувомени производи, како и млеко од домашно производство од животни кои ги чувал и од кое правел сирење од непастеризирано млеко.

- Земени се мостри од животните, од млекото кое е затекнато, а земени се брисеви и од кујната каде вработениот се хранел и се чекаат резултатите, рече директорот на Агенцијата.  

27.07.2014 - 15:21
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега